Делегација на резервни офицери од Македонија и од Зрењанин, Р.Србија, на средба со градоначалникот Мицевски

Делегација на Организацијата на резервни офицери на Р.Македонија, предводена од претседателот проф.д-р Ѓорѓи Малковски и претставници на Организацијата на резервни офицери на Крива Паланка со нивните гости од Организацијата на резевни воени старешини од Зрењанин Р.Србија, денес остварија средба со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

-Општина Крива Паланка има традиционална успешна соработка со Р. Србија на многу полиња, но ова е уште еден сегмент во кој може истата да ја унапредуваме и во тој контекст да работиме на зближувањето на луѓето од двете страни. Да го следиме трендот на сето она што се случува во политичкиот контекст,  каде сега ширум ни се отвараат вратите за ЕУ интеграциите, со тоа да настојуваме да продуцираме стабилност и да градиме заедничка иднина, изјави градаоначалникот Мицевски.

Градоначалникот ги запозна гостите и со можностите за унапрдубање на соработката и во насока на искористување на можноста за изготвување на заеднички проекти во пресрет на новиот повик од ИПА Програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Р.Србија.

Претседателот на Организацијата на резервни офицери на Р.Македонија, проф.д-р Ѓорѓи Малковски, заедно со гостите од Зрењанин се заблагодари за срдечниот прием, за досегашната соработка и поддршка од страна на општината и за исцрпните и корисни информации за значењето на резервните офицери од Крива Паланка, зошто  токму резервните официри од Крива Паланка се најмногубројни.

-Соработката со Општина Крива Паланка треба да биде трајна и плодна, особено сега кога имаме можности за заеднички настап. Ние како најуспешно и најактивно здружение од НВО секторот во Р. Македонија,  можеме  да дадеме свој придонес во иницијативата за активности и изработка на проекти за искористување на  средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка, зошто нашата организација поседува голем човечки и професионален капацитет на луѓе од сите профили, рече проф.д-р Ѓорѓи Малковски.

Претседателката на Организацијата на резевни воени старешини од Зрењанин Р.Србија, г-ѓа Тања Дуловиќ се заблагодари за прекрасниот прием од страна на градоначалникот Мицевски и неговиот непосреден и пријателски однос и пренесе поздрави од градоначалникот на Зрењанин и воедно упати покана од негово име за посета на Зрењанин и поблиско запознавање на двете општини.

-Тука се почувствував како дома и особено сум задоволна од гостопримството на нашите пријатели од ОРО на РО Крива Паланка, како и на луѓето од овој крај. Нашата соработка започна пред една неполна година и се надевам дека ова пријателство ќе прерасне во плодна соработка, не само помеѓу наште организации, туку и на општинско ниво, изјави г-ѓа Тања Дуловиќ.

 

Големина на фонт
Контраст