Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Крива Паланка, ја реализираше петтата работилница, предвидена во рамките на Проектот „Тука сме и можеме“.
Проектот е финансиран од Општината Крива Паланка и со него се опфатени активности за зголемување на нивото на социјална вклученост на старите лица од општината, како еден од факторите за квалитетно и безбедно стареење.
Работилницата ја водеше, Гоце Цветковски, дипломиран социјален работник, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, кој пред присутните ги презентираше информациите за правата на старите лица од областа на социјалната заштита и за измените во оваа област, што се подготвуваат со измените и дополнувањата на Законот за социјална заштита, а се однесуваат на постојана парична помош, паричен надоместок за помош и нега од друго лице, еднократна парична помош и помош во натура, семејно насилство, институционална и вонинституционална социјална заштита на стари лица.
Членките на клубот „Достоинствено стареење“, како хомогена група, едуцирана и оспособена за активно стареење преку осумгодишното постоење на клубот, активно се вклучија во презентирање на проблемите и приоритетите и во истакнување на предлози за надоградување на социјалните политики во државата, како би се надминале потешкотиите при остварување на правата на старите лица.
Со оваа работилница беше потврдено, дека социјалната инклузијата на старите лица во општествените токови е неминовно потребна и треба да се зголемат ваквите акции за нивна што полесна интеграција во современото општество.