Македонско-бугарска трпеза за заедничка дебата

На 26.10.2018 година, пред платото на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, членки на клубовите на пензионерки кои функционираат во рамките на организациите на Црвен крст  од Крива Паланка и Ќустендил, реализираа настан насловен како „Македонско –бугарска трпеза за заедничка дебата“.

На настанот се дебатираше, се читаше поезија, се готвеше и учесниците се дружеа под знамето на хуманоста, придонесувајќи кон практична афирмација и реализација на пристапот на активно и здраво стареење, промовиран од страна на Светската здравствена организација.

Овоја настан е завршна активност од проектот „Тука сме и можеме“, финансиран од Буџетот на Општината Крива Паланка и реализиран во втората половина на 2018 година.

Старите лица јасно и недвосмислено истакнаа, дека наспроти статистичките песимистички оценки за демографските трендови, каде што старата популација се етикетира со „терет“ или како непродуктивна група која го оптоварува државниот буџет, најчесто се занемаруваат позитивните аспекти на  староста, која може да произведе низа на социјални и економски вредности, преку интергенерациска солидарност и пренесување на искуства, но и преку подарување на време, внимание и други ресурси, од старите генерации на младите.

Препознавајќи и почитувајќи го принципот кон активно здраво стареење, во чии темели се вградени начелата на хуман развој, на оваа завршна манифестација присуствуваше и градоначалникот на Општина Крива Паланка, г-дин Борјанчо Мицевски.

-Огромна улога во ревитализацијата, ресоцијализацијата и создавањето на витална, активна и креативна старост, од ранлива група старите се трансформираа во индивидуи и групи, способни да помагаат на останатите ранливи категории и да бидат активни чинители во општествените текови на локалната заедница. Особено сме горди што старите лица денес се самозадоволни и исполнети личности,  полни со самодоверба и енергија и со видно збогатен и подобрен квалитет на живот. Со еден збор, тие се  мотивирани и подготвени  да го искорстат своето знаење и искуство за добробит на заедницата, а воедно се и едни од најактивните волонтери во локланата самоуправа како и членови на Клубот на пензионери „Достоинствен живот“ при Црвен крст Крива Паланка- истакна Мицевски

Членките на клубовите на пензионерки од Крива Паланка и Ќустендил, кои десетина години наназад активно соработуваат на сите полиња, придонесувајќи во подобрување на квалитетот на сопствениот живот, а истовремено и во збогатување на активностите на организациите на Црвен крст, за оваа финална манифестација подготвија заедничка трпеза, на која беа презентирани традиционални јадења од македонската и бугарската кујна.

На настанот беше промовирана и збирка поезија „Камено зглавје“ од авторот Ванчо Накев,  долгогодишен пријател на Црвениот крст, кој живее и работи во Шведска, а промотор на збирката беше писателот Ефтим Клетников. Исто така и членките на Клубот „Достоинствена старост“ читаа дел од своите поетски творби.

Душите и срцата на присутните во текот на целиот настан ги милуваа звуците од музичките инструменти на учениците под раководство на проф. Лариса Жулина Митoвски.         

 

Големина на фонт
Контраст