Во текот на денешниот ден, 01.11.2018 год. во општина Крива Паланка се оддржа јавна расправа по предлог Програмата за активностите на општина Крива Паланка во областа на културата и културните манифестации за 2019 година.
На јавната расправа, покрај претставниците од локалната самоурава, присуствуваа и претставници од локалните установи од областа на културата, здруженија на граѓани и други заинтересирани граѓани и субјекти.
На јавната расправа се дебатираше по активностите од Предлог- програмата за културата и културните манифестации за 2019 год. како и за предлози и сугестии за подобрување и унапредување на веќе постоечките културни манифестации и за воведување на нови. Сите коментари од присутните на јавната расправа се нотирани, како и нивните предлози и идеи, и во наредниот период ќе бидат разгледани и анализирани од страна на изготвувачите на Програмата.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски, се заблагодари за присуството и соработката на присутните и даде свои видувања и предлози во која насока треба да се движиме во креирањето на културната мапа на општината. Во тој контекст Мицевски ги изнесе идеите за можните начини за оддавање почит и одбележувавање на значајни настани и познати личности од општината и регионот, организирање на автентични манифестации за промоција на традиционалната кујна, колоритот и спецификите на народните носии, како и манифестација за иселениците од овој крај и личности кои успешно и достојно ја претставуваат државата надвор од нашите граници.
Целта на јавната расправа по Предлог- програмата за култура и културни манифестации, е да се зголеми вклученоста на граѓанското општество и независниот културен сектор во концептот на демократизација и децентрализација на културата, а во насока на воспоставување на поорганизиран пристап во реализација на културните манифестации, како и унапредувањето на дијалогот помеѓу институционалните и вон-институционалните чинители во процесот на креирање на културниот живот во општината.