Пред кривопаланчани изложба на слики и цртежи од Андријана Мациев

Во галерискиот простор во НУ Центар за култура во Крива Паланка, денес (15.11.2018г.) беше отворена изложба на слики и цртежи од ликовниот уметник Андријана Мациев.

На изложбата се претставени дваесетина сликарски дела работени во два циклуси „Живот во бои” и „Живот во бои 2″, во кои авторката го прикажува својот препознатлив  и специфичен стил на ликовното доживување на бојата.

– За себе честопати можам да кажам дека го живеам „животот во боја”, затоа и моите дела изобилуваат со бои, колоритетот е и мојот личен белег, форми кои ги гледам како едно ново раѓање, нов живот, експресија, а во истовреме емотивната сосотојба, но и благодетта на животот. Јас сум голем вљубеник во природата, ги сакам животните и секогаш ја гледам убавата страна на животот, а кога човек е духовно исполнет може со леснотија да твори и создава убави нешта, изјави пред присутните авторката Андријана.

Андријана Мациев спаѓа во помладата генерација на ликовни уметници, која има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, во одделот графика, во класата на професор Димитар Малиданов.

Зад себе има самостојни и групни изложби, колонии, ликовни манифестации, арт хепенинзи како во нашата земја така и надвор од неа. Како слободоумна, храбра и независна млада жена, таа секојдневно и неуморно твори, пренесувајќи ја својата ведра природа на платната, кои се наративни, со доза на мистичност и надреална симболика.

 

Големина на фонт
Контраст