Општина Крива Паланка успешно го спроведува проектот „Цело е кога има се“, кој е дел од Програмата за општинско корисна работа за 2018 година, поддржана од УНДП, МТСП, АВРМ и Општина Крива Паланка.
Проектот „Цело е кога има се“ вклучува три активности и тоа:
Првата активност опфаќа седум образовни асистенти за деца со одреден вид на попреченост во редовниот процес на образование. Тие им помагаат за полесно совладување на наставниот материјал за време на наставата.
Втората активност опфаќа еден социјален работник во Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост, со организирање на дополнителни активности на лицата кои секојдневно ја посетуваат установата.
Третата активност во проектот опфаќа лице кое е вклучено во програмата како терапевт масер, а е со одреден вид на попреченост (100% слепило). Лицето се има стекнато со сертификат за масер-терапевт, а во неговата активност има вклучено семејства со стари лица кои искажаа интерес за ваква услуга.
Третата активност опфаќа и четири негователи за стари лица во руралните населби кои даваат услуги на педесет стари и изнемоштени лица. Тие во домашни услови овозможуваат дружење и комуникација со лицата, морална и советодавна помош, спроведуваат превентивни здравствени активности од видот мерење на притисок, мерење на шеќер во крвта, мерење на температура, контрола на начинот на земање на лекови пропишани од матичен лекар, контрола на рокот на лековите, остваруваат и им овозможуваат комуникација со свои блиски, комуникација со институции, закажуваат термини за посети како и помагаат во обавувањето на разни домашни потреби од видот: набавка на намирници, плаќање на сметки, грижа за затоплувањето и облекувањето, приготвување на топли напитоци и слично.
Во спроведувањето на предвидените активности на програмата, покрај поддршката од градоначалникот Борјанчо Мицевски и општинскиот координатор на проектот Елена Христовска, голема подршка има и од сите вклучени страни, директорите и вработените во ООУ „Илинден“, ООУ „Јоаким Крчовски“, СОУ „Ѓорче Петров“, ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост, Центарот за вработување, крајните корисници и ангажираните лица.