Традиционалната архитектура од Крива Паланка претставена на педесет архитектонски цртежи во техника туш на хартија е изложена во уметничката галерија на Локална установа Градски музеј, Крива Паланка.
Изложбата е проект поддржан од Министерството за кулутра на Република Македонија и општина Крива Паланка, а е организирана во рамки на програмата на Европска година на културното наследство.
-Ова е музејска изложба и како таква е плод на повеќегодишен труд и работа, финализиран во форма за претставување пред пошироката јавност, но не само како изложба, туку и со публикација која е пообемен научен труд на авторот Петар Намичев. Намичев се занимава со традиционалната архитектура не само на Kривопаланечко, туку и на цела Македонија, а е автор и на целокупниот концепт и изведбениот проект на етнолошката поставка во нашиот музеј, што е плод на истражување на авторот како стручно лице во изминатите неколку декади, рече Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.
На цртежите се претставени градби дел од културното и архитектонско наследство на Кривопаланечко, доминантно од осумнаесеттиот, деветнаесеттиот и дваесеттиот век.
-Се работи за еден музеолошки пристап во презентирањето, комплексен процес и материјал кој ја претставува материјалната култура на регионот и градот. Сето ова претставено на цртежите, сите градби кои сум ги истражувал минатата деценија, денес речиси 80 отсто не постои, така што цртежите се белег на времето и се од непроценлива вредност за архивите на живеењето на овој град. Во тоа спаѓаат не само архитектонскиот концепт, туку и се она што е поврзано со овие објекти: од процесот на градење, обичаите поврзани со градењето, другите елементи кои спаѓаат во самиот ентериер, покуќнинските предмети и целата етнологија и сето ова е многу блиско до нас, рече Намичев.
Изложбата опфаќа и едно обемно монографско истражување и публикување кое е доста значајно за Крива Паланка.
Градоначалникот на Крива Паланка рече дека со изложбата е рефреширана колективната меморија на граѓаниет кои живееле и растеле со оваа архитектура.
-Секој сегмент од фотографиите може да биде нов елемент кој ќе развие приказна за претставување на целото кулутрно, архитектонско и етнолошко наследство на градот, рече Мицевски.
Порача дека објектите кои се наоѓаат во старата градска чаршија во Крива Паланка и останати автентични објекти на градски локации и во селата, со иницирање на процес за нивно сочувување, заслужуваат да бидат одржани и повторно искористени во насока на промоција на градот и околината.