Денес градоначалникот Борјанчо Мицевски беше во обиколка на археолошкиот локалитет „Градиште“ кој се наоѓа во с.Градец.
Истражувањата на овој археолошки локалитет се во рамките на проектот „Заштитни археолошки истражувања на археолошки локалитет –Градиште во с. Градец 2018 “, кој е финансиран од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за проекти од национален интерес во културата. Активностите се резултат од повеќегодишните напори на ЛУ Градски музеј, за истражување на локалитетот, негова валоризација и туристичка презентација во контекст на туристичкиот комплекс во с. Градец.
Археолошкиот локалитет Градиште се наоѓа 8 километри северозападно од Крива Паланка во непосредна близина на селото Градец, во атарот на маалата Милевци. Првите податоци за наоѓалиштето потекнуваат од далечната 1953 г. кога се извршени антропогеографските (етнографски) проучувања на Кривопаланечката област-Славиште од авторот Бранислав Русиќ, потоа во 1973 година од Јован Трифуновски во делото „Кривопаланечка Област“ – Зборник за народни живот и обичаје Јужних Словена књига 48, а во 1978г. е посетен и евидентиран од страна на археолог-советник Цоне Крстевски и д-р Драгиша Здравковски, при изработката на Археолошката карта на Македонија односно Општина Крива Паланка.
Овој локалитет е многу интересен од археолошки аспект и најмногу податоци, директни и индиректни, за локалитетот Градиште потекнуваат од средниот век. Во житието на Свети Јоаким Осоговски од XI-XII век постои податок дека Градец бил главно седиште на Кривопаланечката област – Славиште, со постојана воена посада каде живеел управителот-владетелот на целата околина. Сумирано, Градец во средниот век претставувал управно, војничко и трговско средиште на посочениот регион.
Локалитетот „Градиште“ за првпат е рекогносциран во 2005 година од страна на проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс и м-р Милан Митовски, при што е изработена планиметриска основа. Според претходно извршените проучувања наоѓалиштето е детерминирано како доцноантички кастел и значаен контролен пункт каде се вкрстуваат две значајни сообраќајници од антиката: патот Хераклеја-Стоби-Пауталија и патот Скупи-Пауталија. Првичните прелиминарни резултати од спроведените заштитни археолошки истражувања од 2013-18 година, како и според движниот археолошки материјал и архитектонските целини, на локалитетот евидентирани се населбински фази од праисторијата, доцната антика – рановизантискиот период и средниот век. Најсилен населбински хоризонт потекнува од доцноантичкиот – рановизантиски период, којшто значително ја девастирал постарата праисториска населба од доцното бронзено и полно железно време.
Локалитетот се наоѓа во особено значаен сакрален простор, покрај црквата Св. Никола од 19 век, северно од Градиште, исклесана во карпа се наоѓа и ќелијата-испосница на пустиножителот Свети Јоаким Осоговски, што дополнително ја зголемува комплексноста и атрактивноста на наоѓалиштето.