Во организација на општинската организација на Црвен крст од Крива Паланка денес се оддржа регионална средба на клубовите на пензионери од повеќе општини од соседните земји и Републиката.
Идејата за овој мал хепенинг за пензионерите од регионот и пошироко, е во насока на проширување на соработката со пензионерските организации на општините од соседните земји, нивно меѓусебно запознавање, разменување на искуства и практики, а во насока на збогатување на квалитетот на животот, одржување на виталноста и активноста во сите сфери на општесвениот живот, како и нивен допринос во локалните заедници, изјави иницијаторот на овој настан и секретарот на ОО на Црвен крст- Крива Паланка, Дарко Пешевски.
На оваа предновогодишна средба на клубовите на пензионери од општини од Р.Србија, Р. Бугарија и Р.Македонија предвидени се низа на активности, меѓу кои и посета на ЛУ Градски музеј, посета на манастирот ,,Св. Јоаким Осоговски“, меѓусебни дружења и игри и дегустација на локални специјалитети, размена на искуства и сл.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски ги посети пензионерите и им посака срдечно добредојде и пријатен престој во Крива Паланка и им упати покана за повторна средба, а воедно им ги честиташе претстојните новогодишните и Божиќни празници, посакувајќи им многу здравје и среќа во Новата 2019 година .
На организаторот, Општинската организација на Црвен крст, му упати посебна благодарност за нивниот досегашен напор во реализација на активности од хуманитарен аспект, како и за ентузијазмот, посветеноста и организирањето на вакви пријатни и убави настани и посебниот сензибилитет за потребите на лицата од третото доба.