Гостите најмногу уживаат во долгите прошетки низ планината и ливадите и во собирањето шумски плодови и лековити растенија, со кои изобилува ова подрачје.
Планинска идила од борова и дабова шума, ливади, студени кладенци и свеж воздух го прават кривопаланечкото село Трново место за вистински одмор за душата и очите, каде што пронаоѓаат мир и релаксација посетителите кои сакаат да побегнат од стресното секојдневие. Жителите кои потекнуваат од ова село редовно доаѓаат овде за време на летниот одмор, за да уживаат во планинската тишина и во спокојот, а на туристите на располагање им е црковниот комплекс „Свети Никола“.
Трново е оддалечено 15-ина километри од Крива Паланка и се наоѓа на околу 1.000 метри надморска височина, а до црквата води асфалтен пат. На гостите им се нуди сместување во обновениот конак, кој располага со две трокреветни соби, уредени во традиционален стил, опремени со купатило и кујна со инвентар, телевизори и други потребни услови за пријатен одмор. Во комплексот се наоѓа и најстарата црква во Кривопаланечко – „Свети Никола“, која е изградена во 16 век, како и парохискиот дом. Веднаш до конакот е изградена и натстрешница за околу 100 гости, каде што може да се помине убав излетнички ден во природен амбиент. Гостите најмногу уживаат во долгите прошетки низ планината и ливадите и собирањето шумски плодови и лековите растенија со кои изобилува ова подрачје.
– Насекаде ве носи мирисот на мајчината душичка, шумските јагоди, кантарион, ајдучка трева, печурки, ве заплиснува свежината на чистиот воздух, а најмногу уживаме во тишината на свежите ноќи. Жителите се многу гостопримливи, ни нудат од своето еколошко производство на овошки, традиционални јадења. Овде буквално се одмораме и ја обновуваме енергијата, ни се враќа животната сила – велат туристите кои се одмораат во Трново.
Интересно е што во овој црковен комплекс нема одредена цена за престој во конакот и користење на расположивите капацитети, туку туристите оставаат доброволни прилози, според своите можности и сопствени процени.
Во селото постојано се обновуваат и старите семејни куќи, а се градат и нови викендички од страна на граѓани, кои потекнуваат одовде, но живеат во поголемите центри, главно со Скопје. Веќе има околу 15 новоизградени викендички, а повеќе повратници ги обновиле своите родни огништа и во Трново остануваат за време на целиот летен период.
Поради природните убавини и сликовити планински предели, редовно ги посетуваат и други гости, нивни пријатели и роднини, кои се врзуваат за селото и се почесто се навраќаат во него, особено за време на викендите.
Можностите за развој на туризмот се огромни, а планирано е и обновување на старото училиште и Задружниот дом, кои би биле преадаптирани во сместувачки капацитети.
Извор: Дневник