На 18-та седница на Советот на Општина Крива Паланка, градоначалникот Борјанчо Мицевски го имаше своето годишно обраќање пред советниците.
Зад нас е една година која можеме да ја оквалификуваме како година исполента со многу предизвици, активности, напорна и посветена работа, година исполнета со убави моменти и многу реализирани проекти и активности за доброто на целокупната локална заедница. Заедно со општиската администрација, со упорност и ентузијазам, преку принципот на отворено, транспарентно и пред се одговорно работење, со чесен и домаќински пристап, добро менаџирање и користење на сите расположливи потенцијали, искуства, знаења и капацитети и заедничка напорна работа, а сето тоа во насока на реализација на предвидените проекти и програми, и обезбедување на оддржлив развој и перспективна иднина на жителите на Крива Паланка, дадовме максимум од себе, истакна градоначалникот Мицевски во своето обраќање.
НОВОГОДИШНО ОБРАЌАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МИЦЕВСКИ
Во своето обраќање тој упати честитка до граѓаните по повод претстојните Новогодишни и Божиќни празници.
Почитувани присутни, мои ценети сограѓани!
Времето на новогодишните празници е време кога се потсетуваме на моментите од годината што изминува, но и време во кое размислуваме за новите предизвици што доаѓаат, исполнети со надеж и верба во нови успеси. Секој нов почеток е причина за јакнење на духот, откривање на нови хоризонти, наплив на големи очекувања.
Длабоко во себе верувам дека во Новата 2019 година сите ќе не води една заедничка цел – да градиме заедница на меѓусебно почитување, разбирање и толеранција за напредок и благодет на сите граѓани на општината. Само сплотеноста, трпеливоста и мудроста во она што го вложуваме заеднички, ќе не обединува да истраеме и да веруваме во подобар живот за сите.
Затоа, од мое лично име и од името на општина Крива Паланка, во новата 2019 година Ви посакувам секоја минута да ви биде среќа, секој ден радост, секој миг исполнување на Вашиот сон.
Посакувам Вашите домови да бидат исполнети со топлина, мир и добра мисла, секоја Ваша работа со нов успех, а секоја можност со иднина.
Велат, луѓето никогаш не се поблиски отколку за празниците, кога си даруваат и примат со отворени срца. Затоа, со длабока почит и посветеност кон сите вас, примете ги моите најискрени желби и бидете храбри, успешни, исполнети со здравје, среќа и берикет.
НЕКА ВИ СЕ ЧЕСТИТИ НОВОГОДИШНИТЕ ПРАЗНИЦИ И СРЕЌНА НОВА 2019 ГОДИНА ДА СМЕ ЖИВИ И ЗДРАВИ!