На годинашното, 27. државно првенство за сениори во пинг-понг што се одржа викендов во Скопје, титулата државен првак и во женска и во машка конкуренција им припаднаа на кривопаланечките пинг-понг играчи, Дијана Ристовска и Кристијан Станојковски, а второпласирана во женска конкуренција беше младата Ана Стојановска од ППК „Крива Паланка”.
Кристијан Станојковски беше неприкосновен по деветти пат, освојувајќи злато во поединечна и конкуренција на двојки.
-Крива Паланка уште еднаш покажа дека располага со квалитетни играчи кои низ годините се во самиот врв на македонскиот пинг – понг. Им честитам на сите за успехот кој го постигнаа, на Дијана Ристовска, Кристијан Станојковски, но пред се на Ана Стојановска која со само 15 години успеа да го освои одличното второ место во најквалитетната конкуренција и со ова да се приклучи во друштвото на кривопаланечките пингпонгари кои со години освојуваат медали на првенствата. Искрено се надевам дека ова за неа ќе биде дополнителен стимул за што подобри успеси во пресрет на преостанатите турнири, но и настапот на светското првенство за сениори во Будимпешта, но и на балканското првенство за играчи до 21 година кое годинава се оддржува во Скопје веќе во јуни. Се на се, Крива Паланка може да се гордее што има играчи како Ристовска, Станојковски, Стојановска, Стаменковски и останатите кои се вистински репрезенти и спортски амбасадори на Крива Паланка, изјави Јорданчо Миневски, председател на ППК „Крива Паланка”.
За две недели Крива Паланка ќе биде домаќин на државното пинг-понг првенство за играчи до 21 година.