Денес во галерискиот простор на НУ Центар за култура во Крива Паланка беше отворена изложба на слики од младата авторка Маја Андонова Јокиќ, со наслов „Обоена љубов“.
Ова е трета по ред самостојна изложба на авторката работена во акрил на платно, а поставката на слики именувана како „Обоена љубов“ од денес и во наредните десетина дена ќе биде претставена пред кривопланечката ликовна публика.
На отварањето на изложбата на слики, директорката на НУ Центар за култура, Мира Георгиевска рече дека, иако авторката Маја по професија е диппломиран економист, таа има голем талент и уште поголема љубов кон ликовната уметност и таа љубов успешно ја преточила во реализација на педесетина слики преку кои се релизира во нејзиниот нагласен уметнички момент.
Благодарност до младата авторка упати и градоначалникот Борјанчо Мицевски, кој воедно се заблагодари на Маја затоа што нејзините дела, овие десетина дена ќе ни го збогатат градот и нашето секојдневие со љубов и убавина.
„Верувам дека човекот е најсреќен кога го работи она што го сака. Ако тоа што го љуби може да го реализира, тогаш не е битно колку се вложува и колку трае процесот. Јас овде говорам за моето сликање, за сликарството. Знам така со четките и боите да заглавам до раните утрински часови и после да станам одморна и расположена. И така да тргнам на работа. Без оглед колку и да се вложам во сликата, таа енергија мене ме полни“, изјави авторката Маја Андонова – Јокиќ.
На бројната млада публика авторката пренесе и убава порака:
„Не престанувајте да сонувате, затоа што животот е за сонување и кога ќе станете возрасни продолжете да сонувате затоа што соновите се остваруваат. Мојот сон од детството е да сликам и откако знам за себе сакав да сликам. Можеби животниот пат ќе ве однесе во еден или друг правец, но тоа што нависина го сонувате и сакате правете го од срце и душа и никогаш нема да погрешите. Едноставно најдете начин и време да го реализирате она што ве прави среќни, а кога сте среќни, тогаш сте и задоволни и исполнети.“
Авторката Маја Андонова Јокиќ е родена на 4 мај 1980 година во Скопје, а по професија е економист чија пасија и љубов е сликарството.