Во Kрива Паланка одбележан Денот на крводарителите

Преку промоција на досегашните активности и значењето на принципите и вредностите на дарувањето на крв, Општинската организација на Цевен крст од Крива Паланка го одбележа Денот на крводарителството.

Јубилејни признанија, благодарници и значки за најредовните и најистакнати крводарители од општините Крива Паланка и Ранковце беа доделени на вчерашната свеченост по повод 17- ти март, Денот на крводарителите.

Признанија од Републичкиот Црвен крст и награди со ваучер од Општината добија двајца крводарители со над педесет крводарувања, Ненад Николовски со 55 остварени дарувања и Милан Стефановски.

Петмина дарители добија признанија за над дваесет и пет крводарувања, од кои највпечатлив пример е Татјана Филиповска, професорка во средното општинско училиште Ѓорче Петров, со вкупно 33 крводарувања.

-Татјана е одличен пример како доброто менторство влијае во ширење на позитивни вредности. Преку нејзиниот позитивен пример се пренесува и хуманата мисија, па во класот четврто шест, чиј класен раководител е Филиповска, инаку професор по социологија, од вкупно 26 дури 23 ученика се крводарители и поголем број од нив првократни, за што добија признанија и пофалници, изјави Снежана Димитријевска, претседател на Општинската организација на Црвен крст, Крива Паланка.

На свеченоста Димитријевска им посака добро здравје на сите крводарители искажувајќи им благодарност за хуманоста, потенцирајќи дека и таа во изминатата година првпат дарувала крв.

На свечаноста беше присутен и градоначалникот на општина Крива Паланка, кој нагласи дека Локалната самоуправа на општина Крива Паланка традиционално го поддржува и на пригоден начин се вклучува во одбележувањето на Денот на крводарителите, а несебично ги поддржува и останатите актовностите на ОО Црвен крст од Крива Паланка.

-Чест и задоволство е да живеам во општина во која има многу хумани луѓе. Особено ме радува и охрабрува големата хуманост на младите луѓе, кои под менторство на своите наставници, активно се вклучуваат во крводарителските акции со што го покажуваат високиот степен на морал и хумани вредности.

Посакувам секогаш да можете да помагате, а никогаш да немате потреба од ваква помош, затоа што крводарителството е исклучително убава активност која што не познава ниту политичка, ниту етничка, ниту верска определба и припадност, туку познава само потреба да му се помогне некому,  изјави градоначалникот Борјанчо Мицевски, а потоа ги додели и  јубилејните награди, признанија, плакети  и ваучери од Општината и ОО на Црвен крст од Крива Паланка и Републичкиот Црвен Крст.

Благодарници за поддршка во реализацијата на годишните активности од областа на крводарителството добија основното општинско училиште „Јоаким Крчовски”, средното општинско училиште „Ѓорче Петров” со реализирани 91 крводарување, посебна благодарница беше врачена и до класот од четврта година, четири шест, предводен од класниот раководител Татјана Филиповска, а на учениците- крводарители за пример им беа доделени и индивидуални благодарници.

Вкупно дваесет и девет крводарители оствариле повеќе од десет кеводарувања, а благодарници беа доделени и на четворица крводарители со над пет реализирани дарувања.

Во 2018 година, Општинска организација на Црвен крст од Крива Паланка реализираше  21 крводарителска акција на кои се собрани вкупно 860 крвни единици од проектираните 711, со што годишниот план е реализиран со 120 отсто.

Во 2017 година бројката на собрани единици го натфрлила за дури 45 отсто годишниот план.

Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка е на седмото место на национално ниво во однос на бројот на успешно реализирање на крводарителството.

 

Големина на фонт
Контраст