По повод одбележувањето на месецот на Франкофонијата и Меѓународниот ден на Франкофонијата, градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски приреди прием за амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние.
Градоначалникот Мицевски посака топло добредојде на неговата екселенција, Амбасадор на Република Франција, Кристијан Тимоние и рече дека ова е несекојдневна прилика неформално да се разменат сите информации и активности кои тековно се одвиваат, но и активностите што допрва ќе се релизираат на ниво на амбасада и локалната самоуправа на Крива Паланка.
-Вечерва сме тука по повод одбележувањето на деновите на Франкофонијата и се надевам дека програмата која што ќе ни ја понудат младите франкофни-учениците од општинските основни училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ и средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ , ќе биде на наше задоволство и задоволство на нашите гости и кривопаланчани.
Амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние рече дека во Крива Паланка се чувствува како дома, затоа што постојат силни и нераскинливи врски помеѓу Крива Паланка и Франција.
Амбасадорот во своето обраќање истакна дека, изучувањето на францускиот јазик во општинските училишта треба да продолжи да се зголемува, бидејќи во блиска иднина не очекува спроведување и реализација на заеднички европски проекти.
Во рамки на овој настан, амбасадорот Тимоние сподели позитивни новости во насока на најавената помош и поддршка на Република Франција, која ќе се реализира преку Француската агенција за развој.
-Во тек се преговори за потпишување на Договор со Владата на РС Македонија, а во наредниот период ќе се преговара и за конкретни проекти со Владата и со Амбасадата.
За Француската агенција за развој можам да кажам дека, делува самостојно, но со финасиска помош од Владата на Р. Франција и воглавно дава помош во донации, во експертиза за изработка на проекти за развој, нуди помош и поддршка во финасирање на значајни проекти од областа на развој и промовирање на туризмот и зимските спортови, што конкретно се интересни и за Вашата општина, исто така нуди поддршка од областа на заштита на животната средина, одржливиот развој, образованието, како и мерки за поголема вклученост на жената во јавниот и професионалниот живот, рече амбасадорот Кристијан Тимоние.
Градоначалникот Мицевски рече дека општина Крива Паланка ќе продолжи да ги развива добрите и пријателски односи со Амбасадата на Република Франција и сето она што беше најавено од страна на амбасадорот ќе биде одлична помош и новина, не само за граѓаните на Македонија, туку и за граѓаните на Крива Паланка.
-Ова пријателство ќе има уште многу перспективи и ние зеднички ќе продолжиме да го градиме низ најразлични формални и неформални активности, а нашите млади фракофони ќе бидат нишка во тие мостови на спојување и размена на културно богатство.
Во рамки на одбележувањето на месецот на Франкофонијата и Меѓународниот ден на Франкофонијата, во Центарот за култура во Крива Паланка, се оддржа и франкофонски настан во организација на младите франкофони од ООУ „Јоаким Крчовски”, СОУ „Ѓорче Петров” и ООУ „Илинден” од Крива Паланка, а под менторство на нивните професорки по француски јазик, Елена Николовска, Сашка Младеновска, Елена Ѓеорѓиевска, Мимоза Ивановска и Елена Филиповска. Овој настан се реализираше во соработка и со поддршка на Францускиот институт од Скопје.
По тој повод, младите франкофони од Крива Паланка приредија програма со прекрасни изведби од ритмички танци, француски шансони, поезија и драма, а претходната вечер се одржа проекција на францускиот филм „MAESTRO”.
Меѓународната организација на Франкофонијата е основана во 1970 година со цел да го промовира францускиот јазик, културната и јазичната различност, промоција на мирот, демократијата и човековите права, поддршка на образованието, како и развивање на соработката во служба на оддржливиот развој и на солидарноста. Францускиот јазик е зборуван од 274 милиони луѓе на сите континенти и е на 6. место на листата на најкорисни јазици.
Таа е една од најголемите меѓународни организации во светот, со вкупно 68 држави и Влади членки распространети на петте континенти, а нашата држава е полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата од септември, 2006-та година, статус стекнат за време на Самитот на Франкофонијата во Букурешт.