Амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов оствари работна посета на општина Крива Паланка, на која со домаќинот, градоначалникот Борјанчо Мицевски, разговараа за проектот за подобрување на спортската инфраструктура, кој ќе се имплементира во општина Крива Паланка, а кој е финансиран од страна на амбасадата на Р. Бугарија во Р.С. Македонија.
На средбата се разговараше и за градењето на добрососедските односи и развивање на добрососедската политика со Р. Бугарија, а во оваа прилика беа споменати и досегашните успешни заеднички проекти на општина Крива Паланка и општина Дупница од Р.Бугарија, имплементирани преку ИПА инструментот за перекугранична соработка, како и низа други активности од различни области кои општината ги реализира, а се во насока на развој и унапредување на добрососедските односи.
-Денес сме тука во посета на спортскиот терен, на кој ќе се реализира проект, кој финасиски е поддржан од страна на бугарската амбасада, а кој се однесува на подобрување на локалната спортска инфраструктура и подобрување на квалитетот на живот, преку развој на културата на здравиот начин на живот, односно креирање на здрави животни навики кај локалното население.
Имено со помошта која ја добиваме од бугарската амбасада, која е во висина од 73.000 евра, во наредниот период ќе биде интервенирано во три дела и тоа изградба на атлетска патека околу градскиот стадион, изградба на мини голф терен и изградба на скејт парк. Се надевам дека со реализација на овие активности во голема мерка ќе ги привлечеме младите на спортските терени и на тој начин ќе ги ослободиме од денешните опасности од масовната употреба на телефони и комјутери, изјави градоначалникот Мицевски.
Во рамки на посетата се разговараше и за престојниот маратон низ Коридорот 8, кој ќе се движи низ Бугарија, Македонија и Албанија, а е во организација на Р.Бугарија.
-Драго ми е што наидов на срдечен прием во општина Крива Паланка, со која имаме многу проекти за развивање на спортот, што како држава членка на ЕУ сме должни да ги реализираме. Ова е прв проект кој нашата амбасада го спроведува со општина Крива Паланка со кој проект може да ги насочиме младите кон спортот, да го практикуваат и да се развиваат, зашто само здрави и умни луѓе можат да ја развиваат локалната заедница и државата, изјави амбасадорот Ангелов.
Градоначалникот Мицевски изрази голема благодарност и задоволство до амбасадорот Ангелов за поддршката на амбасадата и Р.Бугарија за сето она што го прави за Р.С. Македонија во процесот на приближување кон ЕУ.