Екипата од основно општинско училиште „Јоаким Крчовски”, Крива Паланка е државен првак во кошарка по завршувањето на спортската училишна лига која беше заокружена на вчерашното Државно првенство во кошарка за основни училишта, девојки.
Домаќин на државното првенство е Општински сојуз на училишен спорт Крива Паланка, а натпреварите се одиграа во спортската сала „Бранители 2001″.
– Општински училишен спорт Крива Паланка за првпат е домаќин на екипно државно првенство и беше предизвик и голема одговорност да се организира.На ова државно натпреварување учествуваа женски тимови од основните училишта: „Ванчо Прке”, Делчево, “„Лазо Ангеловски” и „Дане Крапчев”, Скопје, „Тоде Хаџи-Тефов”, Кавадарци, „Ѓорги Сугарев”, Битола и „Јоаким Крчовски”, Крива Паланка кои одиграа лига- систем што финишира денес,со турнирот во нашиот град. Задоволство е да се биде домаќин на најдобрите екипи и девојки од овие генерации,а уште повеќе и што кривопаланечките кошаркарки се победници, на што се радувам заедно со нивните наставници и тренери, изјави Биљана Цековска, претседател на Општинскиот сојуз на училишен спорт Крива Паланка.
Првопласирана екипа на првенството е тимот на ООУ „Јоаким Крчовски”, второ место го освоија кошаркарките од ООУ „Ванчо Прке”, Делчево, а третото место им припадна на битолчанки од ООУ „Ѓорги Сугарев”.
Наставникот по физичко и здравствено образование и тренер на екипата- победник , Мирослав Ивановски, истакна дека ова претставува голем успех, најголем во историјата на училишен спорт на ниво на општина Крива Паланка.
– Ова е досега најголемиот успех на ниво на училишен спорт, колективна конкуренција, основни училишта во градот. Но, овој успех не е случајност затоа што овие девојки имаат изработено многу тренинзи, многу натпревари, зад нас е многу труд и заслужуваат да бидат овде, каде што се, на највисокиот пиедестал. Сите девојчиња воедно се дел од Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка”, каде секој ден напорно тренираат и во текот на сезоните се натпреваруваат во лигите на МКФ, изјави тренерот и наставник, Мирослав Ивановски.
Упати благодарност до училиштето и до директорот Дане Петровски.
– Благодарам што директорот овозможи да патуваме на зонските, регионални и државни натпревари, благодарам и што колегите т.е. предметните наставници имаа разбирање за нивните отсуства од часовите, а секако,се заблагодарувам и на поддршката од родителите кои патуваа со нас и ги бодреа нашите девојки. Овие девојчиња се запишаа во историјата на училишниот спорт на Крива Паланка и на ООУ „Јоаким Крчовски”, додаде Ивановски.
Организацијата на државното првенство во кошарка за основни училишта, женски, ја помогнаа наставниците по физичко и здравствено образование од ООУ „Јоаким Крчовски” и „Илинден”, СОУ „Ѓорче Петров”.