Општина Крива Паланка, ЛУ Градски музеј и МПЦ Кумановско-осоговска епархија, за прв пат во современата македонска историја, денес го отпочнаа годишното чествување на Јоаким Крчовски-истакнатиот просветител и духовник од нашата преродбенска историја преполна со личности и дела, со градби и настани, со подеми, но и со падови.
По тој повод во општинската сала беше оддржана свечена академија за ликот и делото на Јоаким Крчовски, а воедно беше промовирана и книга со наслов „Јоаким Крчовски во народната и духовната традиција“ од кривопаланечкиот автор, проф . д-р Јордан Михајловски, а промотор на книгата беше проф. д-р Маја Јакимовска Тошиќ од Институт за македонска литература, Скопје.
На овој свечен настан, пригодно предавање за македонското културно и духовно наследство, за вековните стремежи за националниот и културниот идентитет, како и за историјата на македонскиот јазик, имаше проф. д-р Лилјана Гушевска, од Институтутот за национална историја, Скопје.
Во рамки на програмата за одбележувањето на овој свечен ден, градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и директорот на ООУ Јоаким Крчовски, Дане Петровски ја откирија спомен бистата на преродбеникот Јоаким Крчовски, која се наоѓа во дворот на општинското основно училиште.