Денес градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски приреди прием во чест на државните прваци од женската екипа на Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ во конкуренција до 14 години, како и за женската екипа од Основно општинско училиште „Јоаким Крчовски”, Крива Паланка, која е државен првак во кошарка по завршувањето на спортската училишна лига.
Градоначалникот Мицевски им ги честиташе големите успеси на младите спортистки и нивните тренери и во оваа пригода изјави:
„Морам да признам дека после година и шест месеци од мојот мандат, градоначалничкиот кабинет никогаш не бил поубав од денеска, а тоа е благодарение на Вас и вашите успеси. Тука гледам многу насмеани и ведри лица, кои освоија многу награди и пехари, што е големо задоволство за нас како локална самоуправа.
Вашите достигнувањата во сферата на спортот, достигнувањата што се по однос на клубското првенство на национално ниво и сето она што го правите за нашата општина, заедно со вашите тренери, верувајте дека не само мене како градоначалник на Крива Паланка, туку и сите кривопланчани ги правите многу горди. Во таа насока, Ви посакувам уште многу вакви успеси со кои заеднички ќе се гордееме и Ви посакувам и во иднина да бидете достојни репрезенти на клубскиот и училишниот спорт и Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“.
Донесете ни многу вакви победи, радост и гордост, а ние како локална самоуправа сме тука да го помогнеме и поддржуваме спорот низ различни форми и механизми, а наша заедничка цел е да ја профилираме и промовираме Крива Паланка како еден од врвните градови во сферата на кошарката на национално ниво, меѓу малкуте општини кои ни се конкуренти во овој спорт“.
Ова е досега најголемиот успех на ниво на училишен и клубски спорт на кривопланечките кошаркарки и тоа благодарение на многу тренинзи, многу вложен труд и многу одиграни натпревари, напори и одрекувањата на младите девојчиња, кои се под водство на тренерот и наставник, Мирослав Ивановски, како и стручениот тим од Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ и тренерот и професор по физичка култура, Ведран Белешковски.