Лугож од Романија е град со стапка на невработеност од само 1,8 процент, а Млава од Полска само во инфраструктурната изградба вложува 4,5 милиони евра годишно, колку што е вкупниот буџет на Kрива Паланка.Затоа, помошта и искуствата од новите европски партнери ќе бидат од исклучително значење за развојот на нашата општина. Ова го истакна градоначалникот на Kрива Паланка, Арсенчо Алексовски, при потпишувањето на договорот за соработка и за збратимување со овие две општини од земјите-членки на ЕУ, по повод Денот на ослободувањето на градот – 8 Октомври.
– Ниската стапка на невработеност е резултат на 20-годишна работа и способност да се привлечат инвеститорите. Најпрвин ја обезбедивме потребната инфраструктура, а потоа понудивме поволни услови за откуп на земјиштето за градба на индустриските објекти од само 2 евра за квадратен метар. Лугож, град со 50.000 жители и буџет од 30 милиони евра, денес има 1.600 фирми, од кои 126 странски, добар дел германски производители на текстил, чевли, автоделови и сигурносни системи, а за секој што сака да работи има по едно работно место – вели градоначалникот на романскиот град Францис Болдеа.
Инвестициите и ниската стапка на невработеност се карактеристични и за полската општина Млава со околу 30.000 жители.
– Во инфраструктурата инвестициите на годишно ниво изнесуваат 4,5 милиони евра, а вкупниот буџет е 20 милиони евра. Млава е економски развиен град, само во компанијата „ЛЏ логистик“ се вработени 4.000 луѓе и сега веќе ни се најважни вложувањата во образованието и во едукацијата – вели Kшиштов Јарос, директор за инвестиции во општина Млава.
Покрај економскиот успешен модел, овие две општини се истакнуваат и по импресивните спортски резултати и вложувањата во спортот, кој е уште една област во која ќе и помагаат на Kрива Паланка. Лугож има две олимписки шампионки во гимнастика, како и 11 европски шампиони, 7 олимписки и 3 светски шампиони во борење, а веќе 4 години е првак на Романија во овој спорт. Полскиот град Млава, пак, само во спортот на годишно ниво инвестира 1,25 милион евра.
– Нашиот градоначалник е спортист и многу се инвестира во оваа област. Сите училишта имаат спортски сали и фудбалски игралишта, а годинава тие се реконструираат во поголеми капацитети и се градат терени за гимнастика на отворено – вели Kатажина Kашуба, советник на градоначалникот на Млава.
Претставниците на европските градови истакнаа дека ќе ја помагаат Kрива Паланка во заедничкиот развој, користејќи ги нивните капацитети за прекугранични проекти.
– Kако членка на ЕУ, ние имаме поголема проодност на проектите. Разликата е во тоа што општините од земјите од ЕУ учествуваат во проектите со 2 процента сопствени средства, додека останатите општини мора да вложат 15 отсто – нагласува градоначалникот Болдеа.
Одушевени од Македонија
Гостите од Романија и од Полска беа одушевени од Македонија и од гостопримливоста на нашиот народ.
– Единствено нешто што не разделува е оддалеченоста од 1.700 км, а се друго не поврзува. Луѓето овде се фантастични, а македонската храна е по моја мерка. Да не живеев толку добро во Полска, би се преселила овде. Убавините на вашиот град и на земјата ќе ги презентираме на нашата веб-страница за да привлечеме што повеќе полски туристи да ја посетуваат вашата земја – истакна Kашуба.
Извор:Дневник