Денеска во просториите на Општина Крива Паланка, градоначалникот Борјанчо Мицевски и локалниот координатор Елена Христовска одржаа завршна прес конференција за проектот „Цело е кога има се“.
Општина Крива Паланка успешно, по трет пат, го заврши спроведувањето на проектот „Цело е кога има се“, произлезен од Програмата „Општинско-корисна работа“ поддржана од УНДП, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на РС Македонија, а кофинасиран со средства од буџетот на Општина Крива Паланка.
Оваа година, за разлика од претходните години, имавме и нова активност со вклучување на образовни асистенти во основните и средното училиште односно програмата содржеше три активности.
-Првата активност се состоеше од вклучување на седум образовни асистенти во основното и средното образование, за седум ученика со одредена попреченост кои се вклучени во редовниот процес на образование. Образовните асистенти присуствуваа секојдневно на наставата и им помагаа на децата во совладување на наставниот материјал. Оваа активност траеше во текот на учебната 2018/2019 година.
-Втората активност се состоеше од вклучување на четри негователи за стари и изнемоштени лица на територија на с.Конопница. Со активноста беа опфатени 60 корисника за период од 6 месеци, од 15 октомври 2018 до 15 април 2019 година. Негователите во домашни услови овозможуваа дружење и комуникација со старите и изнемоштени лица, даваа морална и советодавна помош, спроведуваа превентивни здравствени активности, како што се: мерење на притисок, мерење на шеќер во крвта, мерење на температура, контрола на начинот на земање на лекови пропишани од матичен лекар, контрола на рокот на лековите, остваруваа и им овозможуваа комуникација со свои блиски, комуникација со институции, закажуваа термини за посети како и помагаа во обавувањето на разни домашни потреби (набавка на намирници, плаќање на сметки, грижа за затоплувањето и облекувањето, приготвување на топли напитоци, помош околу хигиената низ домот и слични активности).
– Во треттата активност беше вклучен дипломиран социјален работник во Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост, со дополнителни активности кои го збогатија престојот на лицата во овој центар. Лицето беше ангажирано во текот на работната недела со четири часа дневно. Оваа активност опфати и масер -терапевт (лице со 100% слепило, кое има сертификат за вршење на оваа дејност), кој даваше релаксирачка масажа на стари лица кои имаа потреба и кои пројавиа интерес за истата. Оваа активност траеше од 1 септември 2018 до 29 февруари 2019 година.
На завршниот настан градоначалникот Мицевски им додели благодарници за успешна соработка на локалните институции вклучени во проектот. На ангажираните лица им беа доделени потврди за учество и успешно реализирани активности во програмата, а образовните асистенти добија сертификати за нивното учество на стручна обука организирана од страна на УНДП .
Овие потврди за успешно реализирани активности на наведените лица ќе им послужат како препорака при нивно аплицирање за понатамошно вработување.