Раководството на кошаркарскиот клуб ,,Крива Паланка” денес оствари средба со градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, на која во знак на благодарност за поддршката на клубот во изминатата сезона, од името на клубот му беше врачен златен медаљ од освоеното државно првенство во младинска конкуренција за девојки до 14 години.
Претседателот на КК „Крива Паланка”, Ведран Белешковски, му се заблагодари на градоначалникот за помошта и несебичната поддршка во текот на оваа, како што рече, историска сезона на клубот.
– Во оваа сезона клубот настапи во три женски натпреварувачки лиги, прва лига жени и младинските М-14 и М-16, освоивме шампионска титула во категоријата девојки до 14 години, тимот до 16 години освои бронза, а прволигашкиот женски тим во дебитантската сезона годинава, од 11 екипи заврши на седмата позиција, а во лигите при Кошаркарската федерација на Република Северна Македонија настапивме и со машкиот второлигашки тим. Ова е неверојатно успешна година во која покрај успесите, големо достигнување, е и препознатливоста на стилот на работа, кој го воспоставивме и веќе е препознатлив во кошаркарскиот свет во државата. На тој пат ни помогна несебичната поддршка на локалната самоуправа, на јавните институции, на приватните компании и поединци, родителите, семејствата на дечињата, нивните наставници, кои ги препознаа квалитетните и перспективни кошаркарски таленти што испишана нови страници во македонската кошаркарска историја, и им овозможија полесно искачување кон успехот, рече Белешковски.
Градоначалникот Мицевски ги поздрави присутните, тренери Ивановски и Белешковски и младите и успешни кошаркарки и воедно репрезентативки, селектирани во националните селекции до 14 и 15 години, кои неодамна учествуваа на вториот национален ФИБА камп во Маврово, дел од проектот „Заедно до М-16″ на КФСМ и ФИБА.
– Јас сум особено среќен и горд што имаме вакви репрезенти на градот, кои допрва ќе испишуваат нови страници во историјата на спортот на градот и ќе се запишат во аналите на општината. Вашите успеси се доказ дека вложувањето во спортот и во вашиот потенцијал, е клуч на отворање нови животни можности за младите од општината, рече Мицевски.
Белешковски се заблагодари уште еднаш на сите кои ја помогнаа оваа сезона, од името на сите инволвирани во работата на клубот и рече дека следната сезона веќе се подготвува и планира.
Управата на клубот додели медал во знак на благодарност и на спонзорите кои ја помогнаа сезоната.
Она што претстои во рамките на клубските активности, е летниот кошаркарски камп во Струга од 29 јуни до 4 јули 2019, како дел од проектот „Спорт за сите” на ТАКТ и ГИЗ.