Во текот на вчерашниот ден Општина Крива Паланка беше домаќин на првата авантуристичка турнеја на солидарност на францускиот караван „Europ’Raid 2019“.
Во рамки на Еуроп-Раид 2019, 260 екипажи со возило „пежо 205“, тргнаа од Париз на 27 јули, во духот на меѓународната солидарност, носејќи со себе 17 тони училишна опрема која ја донираат на училишта од Босна и Херцеговина до Бугарија, преку Албанија и Северна Македонија. Поминувајќи 10.000 километри за 22 дена, секоја екипа има мисија да понесе училишна или спортска опрема: училишни торби, тетратки, моливи, топки, играчки … за да им помогне на децата кои немаат пристап до училиште или живеат во неповолни услови.
На мапата на оваа европска турнеја за културна солидарност се најде и Крива Паланка, како општина од РС Македонија, која поради својата активна соработка во областа на Франкофонијата доби донација од училишен прибор, матријали, нагледни средства и спортска опрема.
Во знак на благодарност за донацијата и пријателството со францускиот народ, учениците од ООУ ,,Јоаким Крчовски“ под менторство на профesorkata по француски јазик Елена Николовска, приредија Франкофонски музички хепенинг во дворот на училиштето, на кој присувствуваше и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
Во рамки на овој несекојдневен настан, градоначалникот Борјанчо Мицевски приреди прием и организираше работна средба со амбасадорот Кристијан Тимоние, на која се разговараше за децентрализираната соработка, особено преку овој важен проект на француската солидарност преточен во туристичка атрактивност, како и за развојните проекти на општина Крива Паланка.
Во оваа прилика, градоначалникот Мицевски најави дека амбасадорот Кристијан Тимоние ќе биде прогласен за почесен граѓанин на Крива Паланка, а чинот на официјализирање ќе се оддржи на свеченоста по повод Денот на ослободување на Крива Паланка, 8-ми Октомври.
Амбасадорот Тимоние истакна дека е пријатно изненаден и трогнат од предлогот за почесен граѓанин, но и дека е многу благодарен и среќен за сето она што Општина Крива Паланка го прави во насока на негување и почит кон францускиот јазик и култура.
За огромниот број француски гости, учесници на караванот на Europ’Raid, Општина Крива Паланка организираше стационирање со ноќевање и културно-уметничка програма на градскиот стадион.
Програмата започна од 20.00 часот со настап на КУД ,,Карпош“ и КУЗ ,,Фолклористи“, кои со своите прекрасни изведби на народни песни и танци, на најубав начин, пред присутните и гостите од Франција ја претставија богатата културна традиција на кривопланчани и народни носии од овој крај. Програмата продолжи и во доцните вечерни часови со електронска денс музика и лајф настап на диџеј Буѓо.
Ова беше инзвонредна можност за учесниците да ја откријат и да се запознаат со локалната култура во опуштена и пријателска атмосфера.