Со изложба на четириесетина дела во НУ Центарот за култура во Крива Паланка, синоќа беше одбележан триесетгодишниот творечкиот јубилеј на академскиот сликар Роберт Цветковски, а голем дел од богатиот опус на авторот е изложен и во галеријата на Градскиот музеј во Крива Паланка.
Овој несекојдневен културен настан е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2019“, поддржана од Општина Крива Паланка и Министерство за култура, а го реализираа Центарот за култура, Градскиот музеј и Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка.
На изложбата во Центарот за култура беше промовиран и каталог „30 години творештво на Роберт Цветковски“, со дизајн на Натали Велеска, а рецензенти на каталогот се Кирила Цветковска и Ѓорги Костовски, кој воедно е и автор на фотографиите.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски на Цветковски му додели плакета за посебни пригоди, посакувајќи му успешно творештво и уште многу јубилеи.
Роберт Цветковски е роден во 1965 година во Куманово, а дипломирал на Факултетот за ликовна уметност Скопје во 1989 година, во класата на Ана Темкова. Работи во Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка како ликовен педагог. Неговите дела се наоѓаат во приватни колекции на сите континенти. Цветковски е врвен академски сликар кој во својот творечки опус од тридецениското работење создал бројни дела претставени на десетици самостојни и групни изложби, над шеесет интернационални ликовни колонии и пет перформанси. Постојани колекции со негови дела се изложени во Центарот за современа уметност Подгорица, во Турција, во Музејот на Град Скопје, Градскиот музеј Крива Паланка…
Двете изложби беа надополнети со концерт на „Агни авшар“ што се одржа пред платото на Музејот.