Прва средба во организација на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“

Во организација на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ синоќа во Скопје се одржа првата средба на кривопаланчани од приватниот и јавниот сектор кои работат и дејствуваат во различни области, а имаат мотив и желба да помогнат во развојот на општината.

Целта на работниот состанок кој се одржа во гостилница „Лезет“ е да се формира силна мрежа луѓе кои потекнуваат од Крива Паланка, од различни профили кои работат најразлични професии, а сплотено ќе дејствуваат во рамки на Фондацијата давајќи допринос во родниот град.

– Фондацијата „Со срце за Крива  Паланка“ има за цел поддршка на одржливиот развој, обединување и имплементација на проекти и програми за развој од општ заеднички интерес, дејности и активности за унапредување на квалитетот на живеење градот  преку ставање во функција на локалните природни, човечки и стопански потенцијали. Интенцијата е да се иницирааат и имплементираат активности поврзани со општествената одговорност, мобилизирање фондови за унапредување на образование, млади, спорт, култура, уметност, заштита на културно наследство, pазвој на сите видови туризам, заштита на животната околина и природата, унапредување на комунална и спортска инфраструктура, енергетска ефикасност и останати мерки за подобрување на квалитетот на живеење, изјави Ирена Белешковска, извршна директорка на Фондацијата.

На средбата се обратија и членовите на надзорниот одбор, Валентина Тасева и Зоран Маџовски, кои ги претставија досегашните и тековни активности, како и дел од плановите во кои сите што можат и сакаат ќе имаат можност да се вклучат.

-Досега спроведовме повеќе активности, „Семос едукација“ одржа предавање за млади за можности да работат онлајн, доделена е стипендија од компанијата за ИТ обука, а корисникот  се обврза да одржи бесплатни предавања од област економија за младите од градот, со што се исполнува мисијата: кој ќе добие-со добро да возврати. Спроведен е конкурс за најубава фотографија од Крива Паланка, со цел промоција на убавините на градот, а истите ќе се користат за следната активност, креирање веб-сајт http://www.visitKrivaPalanka.com, кој ќе направи промоција на градот како туристичка дестинација со сите негови потенцијали и убавини, рече Тасева.

Во тек е акција „Активирај, волонтирај, донирај“ која Фондацијата ја спроведува со цел да се направи што може со најдобра намера со целото срце за Крива Паланка.

На средбата присуствуваше градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, лекари, правници, бизнисмени, градежни инженери, архитекти, креативци, уметници и спортисти, сите по потекло од Крива Паланка собрани со една цел, да дадат свој придонес, со срце за родната Крива Паланка.

-На средбата беа договорени следни активности и агенда настани што ќе се спроведуваат следниот период, собрана е одредена сума пари кои ќе се инвестираат во проекти за најмладите во градот, а договорена е и донаторска забава која ќе се одржи во првата половина на ноември 2019, во „Лезет“, а поканата за присуство е за сите кривопаланчани, но и нивни пријатели и познајници, соработници и добронамерници, да се сплотиме и со срце за Крива Паланка да работиме, рече Белешковска.

 

Големина на фонт
Контраст