Денес, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов и претставници на Македонија пат остварија работна посета на општина Крива Паланка, како и обиколка и увид во завршените градежни активности на рехабилитацијата на регионалниот патен правец Р2250, на населените места Самоков – село Добровница- село Луке и село Крстов Дол.
Проектот за рехабилитација на овој патен правец е со должина од 11 км, а инвестицијата е во вредност од околу 500.000 евра.
-Со градоначалникот Борјанчо Мицевски на денешната работната средба разговаравме за сите проекти кои се инвестираат од централно ниво во општината, како и оние преку локалниот буџет на општината. Во оваа прилика морам да истакнам дека Државата сериозно работи и се грижи за инвестирање во овој регион и сакам да потенцирам дека се прави патот од Ранковце до Крива Паланка, паралелно ќе продолжи да се прави патот од Ранковце до Куманово, така што, овој период сериозно ќе продолжи инвестирањето, а исклучително е важно, што за брзо време ќе почне да се рехабилитира и прави патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, проект кој е во висина од 12 милиони евра.
Вложено е многу и во регионални патишта во овој регион, а и во понатамошниот период најавуваме дека жителите на овој регион може да очекуваат и во иднина да се инвестира и да се решаваат проблемите со кои се соочуваат, изјави пред граѓаните министерот Сугаревски.
Директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов во оваа прилика рече дека во Крива Паланка во тек е градежна офанзива, а се гради и низ целата држава, така што на ниво на држава на дневна основа се трошат и до 10.000 тони асфалт.
-Конкретно во овој регион се работи на рехабилитација на патот од Ранковце до Општина Крива Паланка, во должина од 21 километар, кој очекуваме до крај на годината да биде завршен, согласно временските услови. Во меѓувреме заврши тендерот за патот од Страцин до Ранковце, 15 километри, а за две недели, преку ИПА Програмата ќе се реализира патот од Куманово до Страцин, така што општина Крива Паланка ќе биде покриена со основна инфратсуктура за половина година. Се работи интензивно и посветено и за година и пол до две се очекува да биде изграден и експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.
Китановски воедно изјави дека интензивно се работи на бројни патишта, но многу е битен фактот, кога и на граѓаните од рурални подрачја ќе им се изгради пат кој 40-50 години не бил реконструиран, а особено и лично задоволство е да се слуша од мештаните, дека и младите решаваат да се вратат во родните огништа.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски истакна дека после 40 години, сега се случува најголемата инвестиција во инфраструктура во овој регион.
-Ако земеме во предвид, она што е патна инфраструктура, железничка инфраструктура, она што се регионални патни правци и она што Општината го инвестира во поврзување на овие краеви и рурални средини, како со општина Крива Паланка, така и со регионот, севкупната инвестиција надминува 300 милиони евра. Затоа ќе повторам дека, ваква инвестиција во овој регион не се случила во изминатите 40 години и да бидеме реални, можеби во скоро време и нема да може да се повтори.
Воедно континуирано и посветено работиме на проекти за изградба на нов градски плоштад, како и зелен пазар и во преговориме сме на обезбедување на 600 илјади евра за потребите за реализација на дел од овие проекти. Дополнително на сето ова инвестиравме во изградба на нов кат во детската градинка „Детелинка“ и во други градежни објекти, како што се регулацијата на речното корито, проектирање на нови градски улици кои проекти се веќе нарачани, а имаме и веќе одобрени финансиски средства преку Министерството за транспорт и врски во виси од 1,300 000 илјади евра за изградба на пристапниот пат до Градските гробишта и уште една градска улица.
Крива Паланка ќе добие и Градска капела, како и многу други пропратни и дополнителни објекти кои што се, или беа горлив проблем на граѓаните во изминатиот период.
Следат уште многу активности за кои разговараме и се договараме и до крајот на оваа и во наредната година истите ќе бидат видливи за граѓаните.
Во оваа прилика сакам да кажам дека инвестиравме и во локлани патни правци и тоа во висина од околу 200.000 илјади евра и тоа кон село Голема Црцорија, када тендерот е веќе распишан и се надеваме дека градежните активности ќе бидат започнати во оваа градежна сезона, а напоредно на тоа и во с.Конопница, планирана е инвестиција во сличен износ-околу 200.000 илјади евра, за изградба на нов локален пат и канализација за ова населено место, изјави градоначалникот Мицевски.