На Свечената седница на Советот на Општина Крива Паланка, по повод 8 Октомври, Денот на ослободувањето на Крива Паланка, градоначалникот Борјанчо Мицевски имаше свое обраќање пред присутните советници и гости. Тој упати честитка од свое име и од име на општинската администрација до граѓаните на Крива Паланка по повод празникот на градот.
– Велат дека најдолговечни се оние кои најдобро си ја познаваат и почитуваат историјата. Оваа година за нас е значајна поради тоа што навршуваат 75 години од ослободувањето на Крива Паланка, ден од кога градот почна да чекори по патот на просперитет, стабилност, развој и подем. Значајно е тоа што на прославата на овој ден, кој што го величаме како победа над фашизмот и треба да оддадеме почит кон сите паднати борци за слобода, во нашата колективна меморија треба да ги задржиме и 1991 и 2001 година кои исто така беа пресвртница во нашата понова историја. Во текот на овие 75 години општина Крива Паланка растеше и се развиваше во она што е денес, град со современа и модернизирана инфраструктура, урбанизиран и адаптиран на она што се нарекува современи стандарди и прилики за општествен напредок и развој. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на сите претходни генерации кои оставија траен белег за својот град и својата општина, истакна градоначалникот Мицевски во своето обраќање.
Градоначалникот Мицевски во својот говор го истакна значењето од членството во НАТО и добивањето на датум за оточнување на преговори со Европската Унија.
-Она што е од посебно значење за нас, денес кога ја одбележуваме 75 годишнината од нашата поблиска историја, е и фактот што токму оваа 2019 г. Република Северна Македонија е на прагот за влез во НАТО и добивање на датум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Ова не само што треба да значи подобрување на социоекономската состојба на граѓаните, туку и стабилизирање на Балаканот и регионот во поширока смисла на зборот. И искрено се надевам дека, патот по кој чекориме кон ЕУ и НАТО, широко ќе ни ги отвори перспективите за подобар и поубав, а пред се модерен град, кој ќе нуди отворени можности за сите, истакна Градоначалникот Мицевски.
Обраќање на градоначалникот Мицевски на Свечената седница на Советот на Општина Крива Паланка