Денес во големата сала на општината се оддржа свечена седница на Советот на Општина Крива Паланка по повод 8-ми Октомври –Денот на ослободување на Општина Крива Паланка.
На свечената седница беше донесена Одлука за доделување на наградите: „8-ми Октомври“, награда за Почесен граѓанин на Крива Паланка и Признание за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на Општина Крива Паланка“ за 2019 година.
Од страна на Советот во Општина Крива Паланка беше усвоена Одлуката, наградата „8-ми Октомври“ за 2019 година да биде врачена на Прим.Др.Сретимир Николовски од Крива Паланка за неговото повеќедецениско работење во областа на медицината, кое има значење за развојот на општина Крива Паланка.
Наградата за „Почесен граѓанин на Крива Паланка“ за 2019 година ќе биде врачена на г.Кристиан Тимоние – амбасадор на Република Франција во Република Северна Македонија, во знак на благодарност на граѓаните на општина Крива Паланка за повеќегодишната соработка помеѓу Општина Крива Паланка и Амбасадата на Република Франција и неговато лично залагање и посветеност во продлабочувањето на оваа соработка.
За наградата „Признание за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на општина Крива Паланка“ за 2019 година, Советот донесе Одлука да се додели на младиот кошаркар Андреј Јакимовски од Крива Паланка за неговите особени заслуги во промоција, афирмација и достојно претставување на Општината и Дражавата надвор од границите на РС Македонија и ширум Европа, во областа на спортот.
На денешната свечена седница, Советот на Општина Крива Паланка донесе и Одлука за доделување Благодарница во чест на празникот на Општината, 8-ми Октомври, на Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“, за нивните достигнувања во областа на спортот на домашна и меѓународната сцена.
Како дополнителна Одлука на денешната свечена седница беше донесена и Одлуката за доделување на парични средства за лекување на нашата млада сограќанка Сандра Ангеловска.
Годинава наградите по повод 8-ми Октомври –Денот на ослободување на Крива Паланка, ќе бидат врачени на Свечената академија, која ќе оддржи утре со почеток од 12.00 часот во Центарот за култура во Крива Паланка.
Во оваа свечена прилика градоначалникот Борјанчо Мицевски имаше свое поздравно обраќање, каде пред бројните присутни нагласи:
„Она што е од посебно значење за нас, денес кога ја одбележуваме 75 годишнината од нашата поблиска историја, е и фактот што токму оваа 2019 г. Република Северна Македонија е на прагот за влез во НАТО и добивање на датум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Ова не само што треба да значи подобрување на социоекономската состојба на граѓаните, туку и стабилизирање на Балаканот и регионот во поширока смисла на зборот. И искрено се надевам дека, патот по кој чекориме кон ЕУ и НАТО, широко ќе ни ги отвори перспективите за подобар и поубав, а пред се модерен град, кој ќе нуди отворени можности за сите“.
Обраќање на градоначалникот Борјанчо Мицевски по повод Денот на ослободувањето на Крива Паланка
Свеченостите по повод 8-ми Октомври, продолжуваат во текот на утрешниот ден со низа општински свечени настани, на кои ќе присуствуваат голем број гости од соседните и од збратимените градови од соседството и од Европа, како и бројни видни гости од регионот и претставници на Владата на РС Македонија.