Со полагање цвеќе на споменикот на паднатите борци од Народноослободителната борба, пред општинската зграда, вчера во Крива Паланка отпочна одбележувањето на 75 години од ослободување на градот.
Цвеќе на спомен-бистата положија делегација од општината, предводена од градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, делегација од општинскиот Совет, предводена од претседателот Изабела Павловска, делегации од Министерството за локална самоуправа, предводена од министерот Горан Милевски, од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, предводена од директорот Николче Бабовски, од Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија, предводена од амбасадорот Кристијан Тимоние, делегации од збратимените општини: Перечин, Украина и градоначалникот Иван Погорељух, Млава, Полска и градоначалникот Славомир Ковалевски, Жупања, Хрватска, градоначалникот Давор Миличевиќ, претставници од збратимените Самбервил, Белгија, Вршац, Србија, од политички партии, Министерството за внатрешни работи, јавни институции, Здружение на борци и бројни граѓани.
https://www.facebook.com/pg/o.krivapalanka/photos/?tab=album&album_id=1395329750617031
Во чест на празникот на градот во текот на денот свечено беше пуштена во употреба и пешачко-рекреативната патека во должина од 868 метри која се наоѓа на месноста стара вада во Крива Паланка, во урбаниот дел на високата зона-левиот брег од градот. Овој проект општина Крива Паланка го имплементираше со општина Витина, Република Косово, во рамки на ИПА-Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Косово, а дел се финансираше и со сопствено учество на општината.
Во чест на празникот се одржа и свечена академија во Националната установа, Центар за култура во Крива Паланка на која беа доделени осмооктомврсиките признанија и награди.
Наградата „8-ми Октомври” за 2019 година беше доделена на примариус д-р Сретимир Николовски од Крива Паланка за неговото повеќедецениско работење во областа на медицината, кое има големо значење за развојот на општината.
Наградата „Почесен граѓанин на Крива Паланка“ за 2019 беше доделена на г.Кристијан Тимоние-амбасадор на Република Франција во Северна Република Македонија, во знак на благодарност на граѓаните на Крива Паланка за повеќе годишната соработка помеѓу општина Крива Паланка и Амбасадата на Република Франција, како и негови лични залагања и посветеност во продлабочување на соработката.
Наградата „Признание за особени постигнувања и придонес за развој и афирмација на општина Крива Паланка“, му беше доделена на младиот кошаркар Андреј Јакимовски од Крива Паланка за посебни заслуги во промоција, афирмација и достојно претставување на општината и дражавата надвор од границите на РС Македонија и ширум Европа, во областа на спортот.
Градоначалникот Мицевски врачи и благодарници во чест на успешна соработка и несебично залагање за општина Крива Паланка и тоа на директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов и на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Благодарница исто така, беше доделена на Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка”, за нивните залагања и достигнувања и успешна досегашна работа во областа на спортот.
Градоначалникот Мицевски денес задоволно ја искажа честа што на овој голем и значаен ден за Крива Паланка присутни беа голем број на соработници, пријатели од збратимените градови, заблагодарувајќи се што денес успеаа на кратко да ја донесат Европа во Крива Паланка.
-Горд сум на досегашната соработка и успешна работа што ја остваривме за оваа година, верувам дека нашата соработка ќе се продлабочува и во иднина работејќи заедно на остварување на проблемите со кои се соочува градот и граѓаните.Чест ми е што Крива Паланка доби нов модерен изглед, но нема да застанеме тука, продолжуваме да работиме со уште поголем елан и во иднина, изјави градоначалникот Мицевски.