Примариус д-р Сретимир Николовски е добитник на Осмооктомвриската награда за 2019 година

Примариус д-р Сретимир Николовски е добитник на годинашната општинска награда „8 Октомври” која општината ја доделува по повод празникот на градот.

Примариус д-р Сретимир Николовски е роден 1958 година во Крива Паланка.  Ги завршил 2 и 3 одделение во една година, бил Титов стипендист и дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје на само 22 години, а подоцна и специјализирал интерна медицина. Речиси цели 40 години максимално и се посветува на лекарската професија во Здравствениот дом во Крива Паланка и го носи достоинството на Хипократовата заклетва во своето срце.Трпелив да го сослуша секој пациент, да го охрабри со благороден збор, да даде добар совет и да помогне секому.  Еден период, како единствен интернист, ќе го понесе сиот товар на своите плеќи  и ќе биде вистински борец за здравјето и животот на кривопаланчани, а само во 2018 годнина ќе регистрира 6.500 прегледи, многу итни случаи, решавање на критични ситуации.

За својата стручност и посветеност ќе понесе и бројни признанија и сертификати од симпозиуми, конгреси, стручни усовршувања, а се јавува и како автор на 46 научни трудови на повеќе од 20 конгреси од различни области на интерната медицина. Во 2014 година заслужено ќе се стекне и со звањето примариус, додека кривопаланчани на него ќе гледаат како на светец, благословувајќи го да е жив и здрав, за да и ние бидеме живи и здрави.

Бил на повеќе раководни функции во Здравствениот дом, а успева да најде време и за ангажмани во синдикатот, Лекарската комора на Македонија, ОО на Црвен крст, но и да биде советник со повеќе мандати во Советот на општина Крива Паланка.

Несебичен кон пациетите и пожртвуван, заслужено ја добива „8-мо Октомвриската награда“ за 2019 година, која беше врачена на Свечената академија која се одржа во НУ Центар за култура по повод Денот на ослободувањето.

 

 

Големина на фонт
Контраст