Здружението на пчелари – ПЧЕЛА од Крива Паланка започна со реализиција на едукативни работилници, кои се дел од проектот „Промовирање на пчеларскиот сектор“, финансиран со средства од Буџетот на Општина Крива Паланка, предвидени во Програмата за поддршка на здруженија и фондации за 2019 година.
Едукативните работилници се наменети за одгледувачите на пчели, за членовите на Здружението на пчелари и другите заинтересирани лица, а тема која се обработуваше на првата работилница беше од областа на зимска заштита на пчелините семејства.
Ова здружение функционира во аграрниот сектор во општина Крива Паланка, поточно во одгледувањето на пчелни семејства и производство на примарни и секундарни пчелни производи, а постои и делува од далечната 1980 година и годишно брои до 80 активни членови. Главна цел на ЗП Пчела е да настојува на професионален и мултимедијален начин да врши континуирана надградба на знаењата на своите членови како и пренос на најновите сознанија од областа на пчеларството меѓу истите, со што во континуитет ги подобрува капацитетите и ресурсите не само на своите членови туку и на пошироката заедница.