Извидничкиот одред Наум Наумовски-Борче од Крива Паланка, ја оддржа втората проектна активност од проектот „МЛАДИТЕ ВО СВЕТОТ НА ИЗВИДНИЦИТЕ“, кој финансиски е поддржан со буџетски средства од Oпштина Крива Паланка.
Согласно планот на импленетација на проектот „Младите во светот на извидниците“ во иминатите денови од викендот, извидничкиот одред реализираше низа активности и работилници на различни локации во општината. Работилниците се реализираа во соработка со учениците од СОУ „Ѓорче Петров“, како и со учениците од ООУ „Илинден“ и ООУ „Јоаким Крчовски“.
Пред присутните ученици беше извршена презентација на извидничката организација, како и дел од активностите и извидничките вештини со кои се занимава и ги спроведува извидничката организација во Крива Паланка и пошироко.
Исто така во ПОУ во с.Дурачка Река, извидниците организираа камп на кој беа изведени бројни натпревари, презентации на вештини и активности на извидниците, а за новопримените извидници беше предвиден и чин на давање свечен завет согласно извидничките закони. На кампот присуствуваа околу педесетина ученици.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски ги посети дел од активностите на ова Здружение и ги поздрави нивните досегашни активности и успеси како извиднички одред, а особено задоволство изрази за реализацијата на проектот „Младите во светот на извидниците“.
Извидничкиот одред Наум Наумовски-Борче му врачи благодарница на градоначалникот Борјанчо Мицевски во знак на искрена благодарност за досегашната соработка и поддршката од страна на Општината.