Одржан форум за развојот на културата во Kрива Паланка

Главните предизвици за развојот на културата во општина Крива Паланка беа тема на културниот форум, кој се одржа во организација на Центарот за аудиовизуелни уметности, во рамките на проектот „Овозможувачка културна средина“, поддржан од општината преку Програмата за финансирање на проектни активности на здруженија и фондации.

На форумот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, НУ Центар за култура, ЛУ Градски музеј и граѓанските организации, кои работат на унапредување на културата во Крива Паланка. Тие дискутираа за зајакнување на капацитетите на носителите на културната дејност, Предлог програмата за култура на општина Крива Паланка за 2020 година, креирањето на нови атрактивни и иновативни содржини, како и за други предизвици со кои е соочена кривопаланечката културна сцена.

Генералниот заклучок е дека акцентот на идниот културен равој треба да биде насочен кон поттикнување на иницијативност и поголема застапеност на младите во културните настани, како и дефинирање на нови форми на културни проекти за привлекување на поширока публика и посетители.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски потенцираше дека општината делегира одредени културни манифестации на невладиниот сектор и ја зајакнува соработката со културните субјекти, со цел да се овожможи поквалитетна културна  програма, што ќе ги задоволува потребите на кривопаланечката публика од сите категории.

Во однос на Предлог програмата за 2020 година, која ја претставија раководителот на Секторот за општи и правни работи, финансиски прашања и локален економски развој Мартин Николовски и директорот на Градскиот музеј Драган Величковски, учесниците на форумот немаа поголеми забелешки. И покрај рестриктивниот буџет, беше заклучено дека програмата нуди повеќе  нови содржини и дека треба да се работи на нејзина поголема и поквалитетна реализација.

Вториот културен форум, кој е дел од проектот„Овозможувачка културна средина“, ќе биде одржан на 7 ноември, во 12 часот, во салата на општина Крива Паланка. Од оваа сесија треба да произлезат конкретни предлози за нови културни проекти со кои ќе се збогатува културната сцена во општината.

 

Големина на фонт
Контраст