Светот на образованието ги брише границите

Професорката по музичко образование Лариса Жулина Митовски од ООУ „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка викендов од Белград се врати со престижната титула „Најдобар наставник во поранешна Југославија”.

Признанието го доби во конкуренција на 80 пријавени просветни работници од просторите на поранешна Југославија кои беа дел од Третата акредитирана регионална конференција „Светот на образованието ги брише границите“ која се одржа во главниот град на соседна Србија.
– За мене е огромна чест што ја добив оваа титула. Се вреднуваше мојот целокупен педагошки труд и постигнувања во областа на образованието. Оваа титула е признание и за моите ученици и нивните родители, од кои секогаш добивав поддршка во работата, вели професорката Жулина Митовски.

Асоцијацијата на најдобри наставници во поранешна Југославија која  е формирана од наставничките Весела Богдановиќ од Македонија и Жељана Радојчиќ Лукиќ од Србија,  финалистки на светскиот натпревар за наставници Global Teachers Prize,  има за цел да ги обедини и вмрежи наставниците ентузијасти и креативци, кои заедно ќе ги избришат границите и ќе го подобрат образованието.

За да се стане член на оваа асоцијација, треба да се исполнат строго одредени критериуми, кои говорат за вложениот труд и напор на еден наставник и успесите кои тој ги постигнува во сферата на образованието. Од Крива Паланка во асоцијацијата членуваат уште и  Добри Јовевски, кој е добитник на признанието за најдобар наставник  и Живка Стоилковска, одделенски наставници од ООУ „Илинден“.

 

 

Големина на фонт
Контраст