Во периодот 05-17/02/2012 претставник на Општина Крива Паланка, заедно со претставници на Општина Кратово и Старо Нагоричане беа гости на Центарот за развој Литија од Република Словенија, во рамките на проектот „Подигање на вештините на стручните тимови на општините и регионалните институции во североисточниот регион на Македонија“.
Имплементатор на проектот е Центарот за развој од Општина Литија, во партнерство со Североисточниот Плански Регион од Македонија, а е финансиран од Владата на Словенија, преку Програмата за Меѓународен развој на билатералната помош за земјите во развој. Претходница на оваа посета беше и посетата на претставници од другите три општини од Североисточниот регион – Куманово, Кратово и Липково.
Во рамки на посетата, домаќините ги презентираа позитивните пракси и резултати од имплементација на проекти, финансирани од Европските фондови. Беа посетени успешни проекти реализирани преку веќе етаблираниот бренд – Срце Словенија, кој Центарот Литија успешно го ползува и промовира во пошироки рамки.
Позитивните пракси, претставниците од Македонија ќе имаат можност да ги применат во периодот кој следи, кога Македонија ќе има можност да ги користи и фондовите кои во наредниот период би требало да станат достапни.
Посетата беше искористена и за заеднички активности, кои беа фокусирани на изнаоѓање можности за соработка и пресликување на успешните приказни од Словенија, како и нови заеднички иницијативи за подобрување на локалниот развој преку зајакнување на меѓусебната соработка.
Круна на настанот беше и подготовка на апликација и аплицирање на Општина Крива Паланка како носител и Општина Литија како партнер на проектот „Да ги намалиме далечините“, во рамки на Програмата ЕВРОПА ЗА ГРАЃАНИТЕ, мерка 1.1 – Збратимени градови.
Проектот предвидува посета на словенечка делегација од Литија, составена од претставници на општината, локалната гимназија, културниот центар и група ученици и млади успешни луѓе на Крива Паланка и размена на перцепцијата за Европската Унија од двете страни.
Доколку биде одобрен проектот би се имплементирал во почетокот на октомври/2012.