Дваесет и три општини во Македонија добија по еден автобус за превоз на ученици од основното и средното образование како донација од Народна Република Кина, во рамките на проектната соработка што Владата на Република Македонија ја развива со оваа земја.
Договорите за доделување на 23-те училишни автобуси во петокот во Владата ги потпишаа вицепремиерката за европски прашања и национален координатор за странска помош Теута Арифи и претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа Коце Трајановски. На свеченоста присуствуваа и градоначалниците, од општините кои добија автобус.
Берово, Битола, Куманово, Велес, Демир Капија, Кавадарци, Кичево, Кочани, Крива Паланка, Ресен, Маврово-Ростуше, Врапчиште, Пехчево, Прилеп, Ранковце, Свети Николе, Штип, Липково, Теарце, Желино, Студеничани, Сарај и Радовиш, се општините каде се доделија овие 23 училишни автобуси.