Промовиран проектот „Подобра спортска инфраструктура, подобро здравје за сите”

 
Со проект финансиран од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Македонија ќе се реализираат активности за уредување на атлетска патека, мини-голф терен и скејт-парк во Крива Паланка.
На пресс конференција денес во Крива Паланка градоначалникот Борјанчо Мицевски, ги најави активностите кои се очекува интензивно да се спроведат во претстојниот период.

-На мое задоволство и секако на задоволство на младите од општината, мора да најавам дека во претстојниот период ќе се спроведат три типа активности со кои ќе се уреди и комплетно ќе се промени ликот на градскиот стадион. Првата активност е уредување на атлетска патека околу градскиот стадион во Крива Паланка, нејзино уредување и ставање во функција по сите стандарди на Светската атлетска федерација, втор сегмент е уредување на мини-голф терен и изградба на скејт-парк, локација покрај стадионот што сакаме да ја направиме тежиште на слободното време на младите кои во летото што измина во голем број се собираа пред општината, во недостиг на локации за таа намена. Токму како препознавање на потребите на младите, ќе се реализира проектот што ќе придонесе за подобрување на условите за спорт и воопшто за живот на младите од градот, изјави Мицевски.

Истакна дека проектот е одобрен на заслуга на општинската администрација од Одделението за локален економски развој.

-Работиме на континуирано подобрување на условите за спорт, оваа година со помош на поддршката од Министерството за економија на Германија преку ГИЗ и организацијата ТАКТ уредени се неколку урбани локации за спорт, донирана е спортска опрема за училиштата и клубовите, зајакнати се капацитетите на спортските работници во клубовите и училиштата, со средства од прекугранична соработка со Република Бугарија  ќе се уреди уште еден мини голф терен, а од минатата година е воведена и спортска стипендија за стимулирање на спортистите од градот, додаде Мицевски.

Координаторот на проектот, Сашко Додевски истакна дека целта на проектот е подобрување на спортската култура и здравиот начин на живот во општината, а проектот е со вкупна вредност од околу 73.000 евра со кофинансирање од околу 25 проценти.

Активностите се насочени кон младите, ученици, спортисти и рекреативци.

Големина на фонт
Контраст