Петто издание на детскиот фестивал „Распеано симитче“

Во преполната сала на Националната установа Центар за култура Крива Паланка вчера се одржа премиерата на најновото, петто, издание на детскиот фестивал „Распеано симитче“ 2019. На сцената продефилираа петнаесет солисти, момчиња и девојчиња на возраст од шест до четиринаесет години кои ги изведоа новите петнаесет композиции од репертоарот на фестивалот кој полека, но сигурно прераснува во кулутрен бренд на Крива Паланка. Покровител на фестивалот е Општина Крива Паланка, организатор е Центарот за аудиовизуелни уметности „Карртс“, а се реализира со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Песните се во продукција на Сашо Митковски и Игор Трајковски, автори на композициите се: Лариса Жулина-Митовски, Билјана Антовска, Гордан Спасовски, Анета Санев, Филип Додевски од Крива Паланка и Снежана Николовска, Игор Трајковски.

-Интенцијата е да бидат застапени кривопаланечки автори, соработници на комплетното продуцирање на фестивалот, па во музичката екипа учествуваше и Дејвид Зекиров, визуелен идентитет Натали Велеска, а фотографијата е на Ѓорги Костовски, сите од Крива Паланка. И годинава се надевам ќе има песни што ќе станат хитови, што ќе се пеат низ годините пред нас, изјави Методи Цветковски, директор на фестивалот.

Песните се продуцирани во „СМ“ студио, водителка е познатата актерка, Елизабета Стефановска.

Фестивалот е дводневен, се одржува на 24 и 25 декември.

Големина на фонт
Контраст