Во рамки на одбележувањето на 40 години од постоењето на ПСК „Руен“ денеска беше презентирана публикација со фотографии и податоци за активностите на клубот.
Овој 40-годишен јубилеј, достоен за почит, зборува за еден организиран и планиран активизам, мноштво спортски активности, големи планинарски успеси и учество во севкупниот културен и општествен живот, а сето тоа синтетизирано во едно убаво печатено издание кое денес беше презентирано пред членовите на клубот и останатите гости.
Авторот на публикацијата и првиот претседател на ПСК Руен, Милојко Ангеловски, пред присутните зборуваше за планинарењето како спортска активност, за неговите почетоци и историја, за првите искуства во планинарењето во кривопланечко, за основањето на клубот, за нивните активности и за врвовите кои планинарите од ПСК Руен ги имаат искачено.
Во своето долгогодишно постоење овој клуб има учествувано во многу акции во земјава и во странство, а за подвизите кои ги имат направено неговите членови, друштвото има добиено многу награди, признанија, дипломи и пофалници. ПСК Руен, во своите редови има и лиценциран планинарски водич и акциите ги спроведува согласно правилникот за движење во планина.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски им го честита јубилејот и посака уште многу успеси на членовите на планинарското друштво, а воедно им се заблагодари за нивниот допринос во промоцијата на планинарството како рекреативна активност, за промоцијата на убавините на Осоговските Планини и другите наши природни убавини, ширум светот.
Печатењето на публикацијата „Планинарство во Крива Паланка – 40 години ПСК Руен“ финансиски е поддржано со средства од Буџетот на Општина Крива Паланка, предвидени во Програмата за поддршка на здруженија и фондации за 2019 година.