Неколку стотици граѓани присуствуваа на традиционалната Бадникарска прослава, на плоштадот „Карпошово востание”, каде општината организираше осветување бадникова погача со паричка.
Бадниковата прослава отпочна со света божествена литургија во црквниот храм Св.Великомаченик Димитриј во центарот на градот, каде беа осветени и бадникови гранчиња, а општинската прослава беше отворена со настап на вокално-инструменталниот состав „Распеани Паланчани”, кои изведоа неколку староградски песни од Кривопаланечкиот крај. Одбележувањето на Бадник продолжи со осветување на бадниково лепче од страна на свештенството од Кумановско-Осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво.
Годинашниот кум Константин Стојановски му го предаде кумството на среќникот на кој му се падна паричката оваа година, а тоа е Елена Цветковска.
Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, им се обрати на присутните и им посака здравје, љубов и топлина во домовите и радост во срцата на овој празник кога семејството е сплотено.
– Радоста и дарувањето што го одликуваат денес празнувањето, нека царуваат во вашиот дом и семејство цела година, но и секој ден од животот. Да празнуваме и да се радуваме на празниците со радосната вест за раѓањето на Исус, но и да бидеме радосни и да даруваме добрина и насмевки секогаш, порача Мицевски.
Општината обезбеди посна трпеза за присутните, топли напитоци кои ги делеа волонтери од Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка, а прославата ја збогатија и настапите на Културно уметничкото здружение „Фолклористи” и фолк-пејачот Круме Спасовски.