– За потребите на проектот се вршат мерења на теренот и тој треба да биде целосно завршен за околу еден месец. Со изведбената документација се опфаќа централното градско подрачје и индустриската зона. Точно ќе бидат определени локалитетите каде што ќе поминува главниот цевковод и водовите за градската гасификациона мрежа, а ќе има и две мерно-регулациски станици за левиот и за десниот брег од градот – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.
Со проектот се создаваат услови за воведување на гасот како енергент за користење и од страна на домаќинствата и од индустриските капацитети.
– Една од опциите е гасифицирањето да се изврши преку јавно-приватно партнерство, а се разгледуваат и можностите дали општината има капацитет сама тоа да го спроведе. Во секој случај, веќе има заинтересирани странски и домашни инвеститори и ќе видиме која форма ќе биде најдобра – вели Алексовски.
Засега во Kрива Паланка, каде што минува главната гасоводна магистрала, гасот го користи само погонот за производство на наполитанки, кој има сопствен приклучок и сопствена мерно-регулациска станица.
– Моја заложба е за наредната грејна сезона да имаме приклучено на гас барем неколку индустриски капацитети, а доколку успееме да ја гасифицираме и болницата, тоа ќе биде огромен успех. Има повеќе заинтересирани потрошувачи и од индивидуалните домаќинства, кои веќе имаат сопствени инсталации и само треба да се изврши пренамена на горилниците. Според првичните процени, греењето на гас е поевтино за 50 отсто од затоплувањето со електрична енергија и нафта, а со оглед и на другите придобивки на овој енергент, очекуваме дека Kрива Паланка наскоро ќе биде гасифициран град – подвлекува Алексовски.
Извор: Дневник