Спортските клубови од општина Крива Паланка, карате клубот „Шампион“, одбојкарскиот клуб „Крива Паланка“, кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ и пингпонгарскиот клуб „Крива Паланка“ ќе се вклучат во собирањето на цврст отпад на граничниот премин Деве Баир во рамките на акцијата „Сите во акција за Зелена Македонија – 2012“.
Акцијата, која е дел од програмата на Владата за чиста околина, ја спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт. Акцијата ќе се спроведува согласно деновите од еколошкиот календар и ќе започне на 22 март – Светскиот ден на водите. Во првиот циклус на чистење на остатоци од комунален отпад депонирани на несоодветни локации ќе бидат опфатени неколку локации на реките Треска и Радика како и граничните премини Богородица, Деве Баир,Табановце и Ќафасан.
Акцијата ќе започне во 11 часот, а поаѓањето на учесниците е во 10 часот пред Општината.
Координатор на акцијата за Општина Крива Паланка е Бранко Велиновски.