Традиционална прослава на Богојавление-Водици во Крива Паланка

Михаил Давитковски е среќникот кој меѓу педесетмината верници кои  скокнаа во водите на Крива Река беше најсреќен и го фати крстот во осветените води на Богојавленскиот водосвет во Општина Крива Паланка.

Чествувањето на големиот христијански празник Богојавление-Водици започна со  света божествена литургија во соборниот храм Св. Великомаченик Димитриј во центарот на градот, со која чиноначалствуваше архиерејскиот намесник на Кривопаланечкото намесништво, Александар Смиљков, по што во дворот на црквата беше осветена вода.

Од црквата свештенството и верниците се упатија кон големиот мост на Крива Река, каде по осветување на водите, во нив беше положен светиот крст.

Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, со поздравот Бог се јави-Навистина се јави, им го честита големиот христијански празник Богојавление-Водици на бројните присутни верници, а на Давитковски му додели подарок од општината. Како и секоја година, традиционално, награда за среќникот кој го извлече крстот од осветените води,  доделија и Аптеки „Зегин”.

Логистичка подршка пружија волонтери од Црвен крст на РС Македонија, општинска организација Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст