Во Крива Паланка се одржа традиционаланата  манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон”

Во недела во дворот на црквата Свети Теодор Тирон во с.Конопница, се одржа 11. издание на традиционалната културна манифестација „Невестинско поклонение на Св.Теодор Тирон“.

На манифестацијата учествуваа невести кои се венчале помеѓу двете Тодорови саботи и заедно со своите свекрви се поклонија пред светецот, со молитва за здравје и пород во семејството и примија благослов од страна на свештенослужителите од Кумановско-осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво, за проширување на нивните семејства.

Заменик министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска беше гостин на оваа манифестација, а заедно со своите домаќини од општината, ја посети и изложбата  на  „100 најдобри дела“ од Меѓународниот конкурс за карикатура „Невестинско поклонение 2019″, која како придружен настан беше отворена во петокот во НУ Центар за култура во Крива Паланка.

Овој настан е  во организација на  РЗР ПАТНИК, а се оддржува под покровителство на Општина Крива Паланка и со поддршка на месната заедница на село Конопница, НУ Центар за култура и ЛУ Градски музеј,  заедно со Македонска православна црква-Кумановско-осоговска епархија.

Координатор на манифестацијата е Стојанче Величковски, кој пред присутните изјави дека е многу горд на фактот што ја отвара втората  деценија од овозобновувањето на оваа вековна традиција на луѓето од овој крај, која после 33 години пауза, ја доживеа својата ренесанса.

Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, како покровител на манифестацијата ги поздрави бројните гости и се заблагодари на директните учеснички за нивниот допринос во одржувањето на културната манифестација и  почитувањето  на традиционалните и семејните вредности на кривопаланечкиот крај.

Целата манифестација се спроведе согласно препораките на Владата и Министерството за здравство, без масовни собири и делење храна во затворени простории, но сепак, верниците и мештаните во голем број беа присутни во дворот на црквата и ја проследија традиционалната процесија на поклонение.

Големина на фонт
Контраст