Пуштени во употреба атлетска патека, мини-голф терен и скејт парк

Амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов, вчера присуствуваше на официјалната промоција на проектот „Подобра спортска инфраструктура, подобро здравје за сите“, финансиран од Амбасадата на Република Бугарија во РС Македонија со кој се уредени неколку спортски содржини на спортскито комплекс во Крива Паланка.

-Драго ми е што сум денес овде, и иако финансирањето доаѓа од амбасадата, немаше да се реализира целиот проект доколку не беше добрата соработка со градоначалникот и администрацијата во општината. Горд сум на тоа како денес изгледа целиот терен, најпрво атлетската патека, која е професионална и сигурен сум дека од овде ќе излезе некој добар професионален спортист во иднина, не само атлетичар, туку спортист чиишто перформанси се базираат на трчање. Понатаму, и мини голф теренот го промовира овој спорт со којшто, за да се занимаваат професионално во иднина, младите треба најпрвин да ги научат основите. Со таква инфраструктура и со скејт паркот, младите добиваат нови можнсти за подобри перспективи. Соработката ќе ја продолжиме на сите можни полиња да помогнеме Крива Паланка да стане еден центар, за што многу ќе придонесе и Коридорот 8 кој минува отттука, и верувам, ќе го изградиме и ќе работиме на просперитет и понатаму, рече Ангелов.

Во рамки на овој проект градскиот стадион е опремен со нова тартан патека по стандардите на Светската атлетска федерација, уреден е мини голф трен и скејт парк, со вкупна вредност на сите проектни активности од околу 73.000 евра, од кои 25 отсто кофинансира општината.

На настанот присуствуваше и претставник од македонската голф федерација, Зоран Јанакиев, кој истакна дека ова што е направено во Крива Паланка може да биде одличен почеток на голф приказната во овој град.

-Голф федерацијата како млада федерација во зачеток во РС Македонија и големи амбиции, ги поддржува овие проекти и ќе направиме напори во соработка со своите т.н. партнерски, соседски федерации и со Европската голф асоцијација да ги поддржиме ваквите инциијативи и во иднина да помогнеме Крива Паланка да го реалзира големиот план, да има еден голем голф терен за првпат во државата, рече Јанакиев.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, истакна дека создадени се услови за развој на овој спорт, како и останатите.

-Планот е во иднина да се формира клуб за голф кој ќе обучува млади со основите на спортот, а во иднина да се оформи голем голф терен на Калин Камен. На амбасадорот Ангелов му благодарам за поддршката и предлагам во иднина да направиме маратон од Ќустендил до Крива Паланка, бидејќи оддалеченоста е 41 километар, а двата града како и двете држави имаат одлична соработка, додаде Мицевски.

 

 

 

 

 

Големина на фонт
Контраст