Скулптурите создавани во изминатите 30 години творење на академски скулптор Нела Јанковска од Крива Паланка, се изложени на ретроспективната изложба во Локалната установа Градски музеј, Крива Паланка. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на РС Македонија и локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, а вклучени во реализацијата се повеќе локални уметници, како и Центар за аудио-визуелни уметности.
Изложбата содржи седумдесетина скулптури и дела од Јанковска, а нејзината уметничка сторија беше прикажана и на докуметарен филм продуциран по повод тридеценискиот јубилеј.
-Вечерва славиме 30 години творештво на нашата сограѓанка, пријателка, професорка, но пред се и над се, скулптор, Нела Јанковска. Она што ние посакувавме и реално можевме да го направиме за авторката и јубилејот, го остваривме со претствувањето на делата пред пошироката јавност. Одовде би сакал да честитам и уште еден јубилеј, поврзан и со авторката но и со целокупното интелектуално живеење во градот, а тоа е 60 години од постоење на гимназијата „Ѓорче Петров“, и истакнувам дека сите професори од гимназијата оставија силен впечаток на нас, трасирајќи ни го патот кон понатамошната наобразба и кариера, изјави директорот на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски рече дека со изложените дела на авторката сите кривопаланчани се горди.
-Вие сте богати како личност, со талент и со богато творештво, а делата изложени во Музејот вечерва оставаат буквално без здив. Големо благодарам до вас и посакувам да не удостоите со уште многу вакви јубилејни изложби и да ја зголемите продукцијата на дела. Благодарност до Градскиот музеј и сите вклучени во подготовката на изложбата што овозможија да уживаме во она што сте го создале, рече Мицевски.
Авторката рече дека талентот е најголемито природен извор што го псоедува човештвото, има многу таленти во градот, државата, во светот, но не е клучен талентот кој е само четири проценти од се, туку е тоа работата, трудот.
-Отсекогаш сум имала желба создавајќи да формирам еден временски апстракт во кој ги собирам сите мои емоции во делото, се она што не опркужува и тоа да биде како едно време од минатото пренесено во сегашноста, кое ќе патува во иднината. Така и наградената моја скулптура од 2008 која ми е многу драга, а за жал, ја немаме тука, е дел од тој циклус „Временски патници“ , а сите ние сме патници низ времето, минато-сегашно, идно, и верувам дека моите дела во иднина ќе бидат ценети, ќе ги збогатуваат музејските збирки. Посакувам и во нашиот музеј да имаме постојана уметничка поставка во која ние авторите од градот ќе оставиме свои дела и белег на времето, изјави Јанковска.
Ова е трета самостојна изложба на Јанковска, по оние во 1997 и 1998. Учествувала на над триесет групни изложби, бројни интернационални ликовни колонии. Во моментот работи како ликовен педагог во ООУ „Х.Т.Карпош“, Ранковце, а член е на Друштвото на ликовни уметници на РС Македонија.