Старата градска архитектура од кривопаланечките мајстори претставена на дела од младите од Крива Паланка е мотив на изложбата која беше отворена денес во Националната установа Центар за кулутра, Крива Паланка.
Вкупно единаесет слики – мозаици работени под менторство на Гоце Стојановски се изложени во галерсискиот простор на установата.
-Надалеку познатите кривопаланечки мајстори оставиле траен белег во македонската архитектура. Голем број стари градски куќи од Крива Паланка оставени на забот на времето сведочат за времето и традицијата од овој крај. Ова непроценливо културно наследство беше предизвик за десетина млади уметници-креативци да го овековечат низ мозаик како документ за постоењето на уникатен стил на градба на домовите на кривопаланечките семејства. Беа користени материјали од природата исто како некогашните неимари, доловувајќи го духот на старата градска куќа, изјави директорката на НУЦК Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.
Истакна дека со овој проект се дава придонес кон зачувувањето и промоцијата на локалното градителско богатство.
-Посебно вниамние заслужува интересот на младите креативци, кои преку работилниците за изработка на мозаик создадоа уметнички дела со трајна вредност. Овој проект има многукратен бенефит: нов начин на уметничко изразување на младите, креативен восклик за заштита на старата архитектура, осознавање на културното наследство како мотив за инспирација, како и анимирање на малдите во насока на заштита на културното наследство, додаде Ѓоргиевска.
На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој ја истакна важноста од зачувување и презентирање на овие објекти кои се одраз на живеењето во градот, но и белег на работењето на познатите неимари од овој крај, кои и ден денс се познати по својата работа ширум светот.
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура на РС Македонија како дел од годишната програма на установата за 2020 година.