Донација од училишен прибор и функционална ИТ опрема за учениците од ООУ „Јоаким Крчовски“

Хуманата иницијатива на наставничката по германски јазик од основното општинско училиште „Јоаким Крчовски”, Стефани Цветковска-Илиевска од Крива Паланка помогната од нејзини пријатели од Германија, израдува повеќе дечиња од ова училиште, а претстојните денови ќе бидат поделени и новите материјали пристигнати деновиве. Станува збор за донација од училишен прибор и функционална ИТ опрема.

-Не можам да останам рамнодушна и да не ја споделам среќата.Следејќи го примерот на колегата Иле Михајловски од Свети Николе, самоиницијативно се вклучив во хуманитарна акција за обезбедување училишен прибор и функционална ИТ опрема за учениците во Крива Паланка и околните села. За таа цел, најпрвин сакам да искажам јавна благодарност до ФБ групата Македонци во Германија  за донираниот училишен материјал и ИТ уреди со кои усреќивме 20-тина ученици од подрачните училишта во селата Дурачка Река, Нерав и Огут. Училишниот прибор беше поделен на сите ученици, а ИТ уреди-таблети добија 4 ученици за да можат без проблем да ја следат онлајн наставата. Исто така, сакам да му се заблагодарам и на Petar von Naumburg за соработката, што без двоумење, по само една порака, го собра училишниот материјал и ми го достави од Германија, изјави професор Стефани Цветковска- Илиевски.

Упати благодарност до директорот на ООУ „Јоаким Крчовски“, Дане Петровски и колегите кои и дале несебична поддршка и помогнале за достава на материјалот.

-Деновиве, на мое огромно задоволство, пристигна уште еден пакет училишен прибор за нашите ученици кој ќе биде поделен во тековната недела. Уште еднаш им благодарам на заслужните  Македонци во Германија и сакам да ги повикам сите фирми, но и хумани луѓе да се вклучат во акцијата и да собереме училишен прибор и по можност ИТ уреди за секое детенце на кое му е потребно. Вашето малку некому значи многу. Тоа се наши деца, тие заслужуваат повеќе, сакаат да ја заборавиме нашата поделеност, фрустрација и комплекси, сакаат да бидат гушнати, разбрани и да се почувствуваат сигурно. Затоа повикувам и молам да ги надминеме нашите убедувања и да придонесеме секое дете да има нормални услови за образование, додаде Цветковска-Илиевски, радувајќи се на можноста да биде дел од една ваква акција со која може да донесе насмевка на детските лице.

 

Големина на фонт
Контраст