Неекипираност, неуслогласеност на законската регулатива, неефектуирање на казнените мерки и други постојни проблеми се главните заклучоци од онлајн дебатата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби на локално ниво“, што ја организираше НВО Инфоцентар, во соработка со Општина Крива Паланка.
На дебатата учествуваа градоначалници, инспектори, локална администрација, граѓани и медиуми од сите општини од Североисточниот регион, односно од Крива Паланка, Куманово, Ранковце, Кратово, Старо Нагоричане и Липково. Во дискусијата се вклучија и Методија Димовски од Инспецискиот совет, како и Горан Трајчевски, раководител на Секторот инспекторат на Град Скопје, кои ги пренесоа своите искуства во насока на изнаоѓање на нов поефикасен модел на организација на локалната инспекција.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски истакна дека и Крива Паланка се соочува со истите проблеми како и останатите општини, без разлика дали се големи или мали.
– И ние имаме предизвици со инспекциските служби, но се трудиме да одговориме на тековните барања на граѓаните. Планираме две нови вработувања во Одделението за инспекциски надзор за покривање на градежната и комунална област, така што ќе имаме вкупно 4 инспектори. Со измените на законските решенија ќе има и зголемување на платите на локалните инспектори во трите последователни години. Секако, и ова не е доволно, но се прават напори да се унапреди работата и да се решаваат проблемите, истакна Мицевски.
Методија Димовски од Инспекцискиот совет посочи дека од вкупно 256 издадени лиценци на локални инспектори, на Североисточниот регион отпаѓаат само 18 и тоа 13 во Куманово, 2 во Крива Паланка и по една лиценца во Кратово, Старо Нагоричане и Липково. Во општините функционираат инспекциски надзори од само 7 области, а најзастапени се инспекторите за комунална и градежна дејност и во областа на животната средина.
Учесниците на дебата ги потенцираа и потешкотии во работењето, заради недореченостите во законската регулатива, честото менување на некои закони, испреплетување на надлежностите и слично.
Сите се едногласни дека нов модел, кој ќе се заснова на меѓуопштинска соработка и регионално здружување, засега е најдоброто решение за зголемување на ефикасноста и професионализацијата на општинската инспекција.
Дебатата е организирана во рамки на проектитe: „Граѓански мониторинг врз инспекциските служби на локално ниво“ и „Активни граѓани и пратиципативна демократија на локално ниво“, што ги спроведува НВО Инфоцентар од Скопје, со поддршка на Амбасадата на САД во РСМ и Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.
–