Гоце Тодоровски лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ за 2020

Денес во салата на Општина Крива Паланка, во пригодна атмосфера и со почитување на пропишаните здравствени протоколи, беше доделена наградата за значаен придонес во областа на театарот и културата – лауреат на дванаесеттото скратено издание на МТФ „Св.Јоаким Осоговски“ за 2020 година на актерот Гоце Тодоровски.

Наградата за лауреат на нашиот истакнат актер, беше врачена од страна на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, а за уметничките достигнувања и творештвото на Гоце Тодоровски говореа Гоце Ристовски и Благоја Чоревски.

Гоце Тодоровски завршил Факултет за драмски уметности на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и набргу по дипломирањето се вработил во Драмскиот театар истакнувајќи се како суптилен комичар. На сцената на матичниот театар, но и како гостин на професионалните театарски сцени во нашата земја остварил голем број улоги, а останува запаметен по улогите Лука Лукиќ во „Ревозор“ од Гогољ, Докторот во „Веселата смрт“ од Евреинов, Цанде во „Солунски патрдии“ од М. Попоски, Пантагруел во „Пангуриј“ од Р. Богдановски, Царчето во „Чудото на Свети Ѓорѓија“ од Р. Богдановски, Леле мале во „Јадигар“ од В. Манчев, Питу во „Сара Бернар“ од Џ. Марел, Генералот во „Балконот“ од Ж. Жене, Ринго во „Чија си“ од С. Насев, Ќорле во „Кумови“ од К. Ангеловски, Кирца во „Викенд на мртовци“,Ангеле во „Лет во место“ од Г. Стефановски, Докторот во „Болва во уво“ и други.

Гоце Тодоровски е често присутен на програмите на радиото и телевизијата учествувајќи во скоро сите хумористично – сатирични емисии, драми и серии.

За своите актерски остварувања добитник е на Награда за најдобра улога, за ликот Цанде во претставата „Солунски патрдии“, на Театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп а во 1986 година беше прогласен за најпопуларно ТВ лице според весникот „Вечер“.

Гоце Тодоровски оствраил и четиресетина улоги на филм и  во популарни тв серии, меѓу кои во „Наши години“, „Јуначко колено“, „На наш начин“, „Солунски патрдии“, во Македонските народни приказни, „Среќна Нова 49“, „Трст виа Скопје“, „Чук, чук Стојанче“, „Викенд на мртовци“, „Ангели на отпад“, „Салон Хармони“ и др.

 

Големина на фонт
Контраст